Почнува Светско првенство во атлетика - што ќе биде интересно да се гледа?

Од 19-ти до 27-ми август во главниот град на Унгарија Будимпешта ќе се одржи Светско првенство во атлетика, еден од најголемите настани летово заедно со Мундијалот во кошарка и во женски фудбал.

На величествената нова арена „Национален атлетски центар“ отворена на 17-ти јуни летово која собира околу 36.000 гледачи, ќе се натпреваруваат најпознатите светски атлетичари во разни дисциплини.

Секако најголемо внимание и фокус на гледачите ќе привлечат фаворитите за златни медали:

АРМАН ДУПЛАНТИС (Шведска, скок со стап)

Најголема ѕвезда на светската атлетика после Болт. Младиот Швеѓанец урна и постави многу светски рекорди а има само 23 години. Секое негово појавување на теренот е загарантирано шоу, емоција, прослава.

На претходното Светско првенство Швеѓанецот направи сензација со скок од 6,21м за светски рекорд.

ЈАРОСЛАВА МАХУЧИХ (Украина, скок во висина)

Прекрасната и бескрајно талентирана Јарослава е идеална комбинација за ѕвезден статус во спортот.

Ако некоја атлета во догледно време може да го урне рекордот на легендарната Стефка Костадинова (2,09 м) од '80-те години тоа е токму Јарослава Махучих.

И покрај тоа што Украинката беше вбројувана меѓу фаворитите на претходните турнири, таа на Светското 2019-та не освои злато, а на Олимписките Игри во Токио беше во сенка на Марија Ласицкене. Исто ја следеше и на Мундијалот пред една година кога Австралијката Патерсон го освои тронот.

Ќе успее ли Махучих од четврти обид да стигне до толку сонуваното злато?

ЈАКОБ ИНГЕБРИГТСЕН (Норвешка, 1.500 и 5.000 метри)

Овој млад Норвежанец направи се за трката на 1.500 метри на Светското првенство да биде интересно не само на Африканците, туку и на останатиот свет.

Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен успева да го следи неверојатното темпо кое го држат Кенијците и Етиопјаните. Тој цели сега на двојно злато, на 1.500 и на 5.000 метри но го сонува и рекордот на Хишам Ел Херуш (3.26.00) поставен пред четврт век.

Сезонава Ингебригтсен веќе истрча 3.27,14 и тоа е четврто време во историјата.

ФЕМКЕ БОЛ (Холандија, 400 метри со пречки)

Фантастичната Холанѓанка е меѓу фаворитите за медал на 400 метри со пречки, останува да се види само со каква боја ќе биде медалот. Таа можеби тешко ќе го нападне светскиот рекорд (50,68) но сосема е можно да го обнови европскиот рекорд кој изнесува 51,45 и кој е во нејзина сопственост.

РАЈАН КРАУЗЕР (САД, фрлање ѓуле) и ФАИТ КИПЈЕГОН (Кенија, 1.500 и 5.000 метри)

Овие атлети имаат малку заедничко но многу вредно. Белец и црномуреста атлетичарка, тој е огромен а таа ситна и мала. Но ги обединуваат врвните светски рекорди! Фаит за два месеци летово постигна три светски рекорди: на 1.500 метри (3.49,11), трка на една милја (4.07,64) и на 5.000 метри (14.05,20). ТРИ СВЕТСКИ РЕКОРДИ ВО САМО ПАР МЕСЕЦИ ВО ЕДНО ЛЕТО ЗА КИПЈЕГОН.

Снажниот Рајан е меѓу најголемите фаворити за злато во дисциплината фрлање ѓуле. Дури 10 од 14 најдобри резултати во историјата се негови! Вклучувајќи ги и првите три најдобри резултати. Најсвежниот светски рекорд му датира од мај годинава - 23,56.

НИРАЏ ЧОПРА (Индија, копје)

Ако се мери по број на следбеници на социјални мрежи, овој млад Индиец е сигурно рекордер меѓу атлетите - има 6,2 милиони следбеници. Нираџ е главна спортска гордост на Индија и таму е на ниво на ѕвездите од Боливуд.

Еднаш како дете татко му го пратил на стадион да трча зошто Чопра како мал бил буцкаст и врсниците го зафркавале. Тој мразел трчање но внимаието му го привлекле фрлачите на копје. Толку многу се заинтересирал за овој спорт што тоа било љубов на прв поглед.

Започнал кариера во оваа дисциплина и стигна до врвот - освои злато на Олимписки Игри. Сега во Будимпешта можеби нема да биде фаворит но секако е суперхерој во родната Индија.ж

ША'КЕРИ РИЧАРДСОН (САД, спринт)

Оваа импозантна и експлозивна дама сигурно сте ја виделе на претходните Светски првенства и Олимписки игри. Таа е актуелна кралица во спринтот. Изгледа ексцентрично со долга фарбана коса во разни бои, бесконечно долги и обоени нокти и многу накит.

На Олимписките Игри во Токио не настапи поради тоа што претходно во САД откриле дека наводно користела марихуана за што таа тврдеше дека не и ги подобрува резултатите на патеката. Потоа слабо истрча и на домашното Светско првенство 2022 во Јуџин.

Сега Ричардсон ќе трча на 100 и 200 метри во Будимпешта и ќе биде меѓу фаворитите за медал.

ФЕРДИНАНД ОМАЊАЛА (Кенија, спринт)

Трката на 100 метри спринт мажи е најатрактивен настан на големите Светски првенства и Олимписки Игри. Таму секогаш има моќни спринтери од САД, Јамајка, Канада, како и Италијанецот Џејкобс кој неочекувано стана олимписки шампион.

Необично, меѓу главните спринтери сега е и еден Кениец, атлетичар чии сонародници се прославуваат во долги дистанци и маратони, трки кои кај нив се како религија.

Фердинанд Омањала истрчал 9,77 уште во 2021-ва. Досега на ниту еден Африканец не му успеало да се најде на пиедестал на 100 метри спринт на Светско првенство и Омањала би можел да стане прв.

ВАЛАРИ ОЛМАН (САД, диск)

Оваа девојка од САД има во себе редок спој на квалитети - таа е одличен фрлач и има врвна фигура. По правило за сериозни резултати во оваа дисциплина потребни се широки плеќи и снажна физиологија.

Слаба и тенка жена со голема висина никогаш нема да може да фрли диск ниту на просечно ниво. Валари од друга страна може да снима сесија за најпознатите магазини а во исто време има 6 најдобри фрлања на свет сезонава во женска конкуренција.

МУТАЗ БАРШИМ (Катар, скок во вис) и ЏАНМАРКО ТАМБЕРИ (Италија, скок во вис)

Овој тандем на светот му ја подари една од најубавите истории на Олимписите Игри 2020. И сега одново ќе бидат најголеми ривали во оваа дисциплина и главни кандидати за злато.

Катарецот Баршим е најголем фаворит со оглед на тоа што освои дури три златни медали на последните три Светски првенства.

НОА ЛАЈЛС (САД, спринт)

„На хоризонтот пред мене се 9,65 и 19,10“ рекол Ноа Лајлс неодамна, прилично дрско иако на 200 метри Лајлс се приближи до рекордот на Усеин Болт (19,31 со 19,19) и не би било чудо ако направи подвиг.

Ноа ќе биде најатрактивниот спринтер на Светското првенство во Будимпешта.

ЈУЛИМАР РОХАС (Венецуела, трискок) и КАРСТЕН ВАРХОЛМ (Норвешка, 400 метри со пречки)

Овие атлети освоија се што може да се освои: злата на светски првенства, на Олимписки игри а притоа се и сопственици на светски рекорди. Ги имаат воедно и најдобрите резултати сезонава. Икони на светската атлетика.

Рохас во трискок доминира убедливо над конкуренцијата а исто е и со младиот Норвежанец кој ќе атакува на ново злато во Будимпешта.ж

ЏЕСВИН АЛДРИН И ШРИШАНКАР (Индија, скок во далечина)

Ако ја разгледувате светската топ листа, ќе ви звучи помалку егзотично кога ќе видите име од Индија, не така својствено за оваа дисциплина. Но првите две места на светската ранг листа во скок во далечина кај мажи се момци од оваа земја. И двајцата имаат рекорди од 8,20 на меѓународни турнири.

17 август 2023 - 12:50