Олимпискиот оган лебдеше на балон, а си го подадоа Зидан и Надал

Олимписките игри и официјално се отворени. Париз направи спектакуларно и уникатно 4 часовно шоу, невидено до сега, бидејќи не се одржа на стадион, туку на отворено, во центарот на градот, со многу гламур, мода, уметност, спорт, музика. Церемонијата на лице место ја следеа околу 300.000 луѓе.

10.714 спортисти, 206 земји, 45 натпревари, 32 спортови. Тоа се веќе познати бројки на најновите Олимписки игри.

Она што е ново и невидено до сега низ историјата на Олимпијадите е што наместо на тартанот, спортистите продефилираа на реката Сена каде што се случуваше популарната парада „Нација на чамци“.

Пловеа чамец по чамец, брод по брод, почнаа дење во 19:30, ги фати и дожд, но тоа беше само вовед во ноќното шоу кое траеше до 23:30 часот.

На крајот се случи нов повторно необичен ритуал и со олимпискиот оган кој остана да лебди на балон.

Го носеа низа на славни ликови, како на пример Снуп Дог, Хали Бери, Арсен Венгер. Некое време пред да заврши на балонот, анонимен носач му го предаде на Зидан, од каде заврши во рацете на Рафаел Надал.

14 кратниот освојувач на Роланд Гарос со факелот се качи на глисер и заедно со Серена Вилијамс и Карл Луис го продолжија патувањето кон крајната дестинација.

Факелот повторно на копно го превзема тенисерката Амели Морезмо, па од кај Тони Паркер пристигна во Лувр. Продолжи кај една низа на француски спортисти и легенди. Меѓу нив и Шарл Кост, најстариот жив олимписки француски шампион кој има точно 100 години и златен медал од 1948.

На крајот говор имаше претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, кој му дозволи на претседателот на Франција, Емануел Макрон, да ги прогласи Игрите за отворени.

Видео од делегацијата на Македонија на брод, која ќе ја претставуваат шест спортисти.

26 јули 2024 - 23:41