Во финалната трка на 200 метри, Болт оствари време од 19,78 секунди и така стана првиот човек кој три пати едно по друго триумфирал во оваа дисциплина на Олимписки Игри.
Пред неколку дена Болт победи на 100 метри, исто во Пекинг 2008. и Лондон 2012. беше најдобар во двете спринтерски дисциплини, подвиг што никогаш никој не успеал да го оствари. За трет олимписки хет-трик, Болт ќе има шанса утре вечер кога ќе настапи како дел од штафетата на неговата земја Јамајка на 4x100 метри.
Доцна синоќа во Рио де Жанеиро заврна силен дожд што им одговараше на конкурентите на Болт да му се спротистават, но Јамајчанецот уште од стартот беше фокусиран и на почетокот на кривината стекна солидна предност а како се влегуваше во финишот, Болт беше два-три метри пред најблиските ривали.
Среброто го освои Канаѓанецот Адре Де Грас кој ја заврши трката со време 20,02 додека бронзениот медал замина кај Кристоф Леметр, Французинот кој тргна од шестата позиција и засили во финишот за да со 20,12 секунди стигне до медалот. Кога се зарвши трката, Болт не реагираше со насмевка како што ги навикна фоторепортерите. Овој пат беше лут а никој не знаеше зошто. По завршувањето на трката, Болт изјави дека бил лут сам на себе затоа што сакал подобро време во финалето на 200 метри.
„Секогаш сум среќен за победите, но сакав побрзо време. Се чуствував добро, но кога излегов од кривината, моето тело не реагираше. Претпоставувам дека годините го земаат данокот“, изјави Болт за НБС.
Неговиот рекорд на 200 метри од 19,19 секунди и натаму е актуелен. Го постави на Светското првенство во 2009. година кога го поправи својот личен рекорд поставен во 2008-ма на ОИ во Пекинг.