Најпознатите спортски моменти на силен дожд

По повод 22 март, Светскиот ден на водата признаен во Обединетите Нации, и спортот има што да каже. Незаборавни и епски моменти на силен град кои не ги спречија спортистите да тераат по свое.

МАЈКЛ ФЕЛПС

Светскиот ден на водата во спортот асоцира на спортовите во вода: пливање, ватерполо, уметничко пливање и скокови. Најпознатиот пливач на сите времиња е Мајкл Фелпс, Американецот којшто се повлече во август 2016-та. Тој е најтрофејниот пливач во историјата на Олимпијадите.

ЕДЕН ОД НАЈТЕШКИТЕ СПОРТОВИ - ВАТЕРПОЛО

Ватерполото е олимписки спорт уште од вторите Игри во далечната 1900. година. Најтрофејни селекции во овој спорт се Унгарија, Србија и Италија во машка конкуренција и САД и Италија во женска.

Водата не е само протагонист во спортовите како пливање, ватерполо и скокови. Постојат моменти кога водата била „прима дона“ и во спортовите надвор од базените. Пример?

МАКЕДОНИЈА - ХРВАТСКА 2-0

Тој 17-ти ноември 2007 во Скопје вренеше непрестано, па теренот на „Градски“ беше „кал до колена“. Во квалификациите за ЕП 2008 Македонија ја пречека Хрватска.

Тогаш најголемиот стадион во државава се уште не беше реновиран и повеќе од пола гледалиште „искисна“ на дожд. Но вредеше, затоа што со головите на Илчо Наумоски и Горан Мазнов Македонија победи 2:0.

Тогаш во составот на Македонија беа: Петар Милошевски, Игор Митрески, Влатко Гроздановски, Величе Шумуликоски, Гоце Седлоски, Владе Лазаревски, Дарко Тасевски, Николче Новески, Горан Попов и Горан Мазнов.

Резерви беа: Шаќири, Славчо Ѓеоргиевски, Артим Положани, Стевица Ристиќ, Ацо Стојков, Томе Пачовски и Бобан Грнчаров.

ВАРДАР - РОМА 1-1

После долги години во Скопје дојде еден великан. Во Купот на УЕФА Вардар ја пречека Рома која го доби првиот меч на „Олимпико“ со 4-0. На 15 октомври 2003. година на „Градски“ имаше повеќе вода отколку трева. Резултатот го отвори Срѓан Захариевски во 40’ минута, а израмни Мансини во 63’.

ПЕРУЏА - ЈУВЕНТУС

Ќе тргнеме од фамозниот меч кој ден денес е рак-рана за Јувентините. Се играше последното коло од Серија А на 14. мај 2000-та. Јуве беше прв на табела со два бода пред второпласираниот Лацио.

На стадионот „Ренато Кури“ изгледаше се ќе биде лесно за „бјанконерите“, но натпреварот тргна во чудна насока. Страшен дожд го зафати градот Перуџа и стадионот и теренот беа како базен. Но судиите (Колина) по прекинот од 40 минути во првото полувреме решија мечот да се доигра.

По тешки услови, 33-годишниот стопер Калори го постигна единствениот гол во 50’ минута и на Лацио му ја донесе титулата во последното коло.

МИЛАН - МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Имаше и натпревари кој се играа на страшен дожд и завршуваа епски. Во полуфиналето на Лига на шампиони 2006/07 Милан го пречека Манчестер после поразот од 3-2 на „Олд Трафорд“.

На „Сан Сиро“ не беше невозможен пресврт, но условите за игра беа тешки поради намокрениот терен. Дечките на Карло Анчелоти испишаа нови страници во модерната историја на ЛШ и со 3:0 го прегазија Манчестер. Можеби најдобар меч во кариерата тогаш одигра Кака кој на тој 2. мај 2007 си поигруваше со одбраната на Јунајтед и даде еден гол а еден намести. Неговата слика како трча на дождот на Сан Сиро остана незаборавна.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД - ЧЕЛСИ

Водата беше главен актер и на финалето од Лига на шампиони 2008-ма меѓу Манчестер Јунајтед и Челси во Москва.

На „Лужники“ врнеше толку многу што топката тешко се контролираше. После 90 минути резултатот беше 1-1 па се отиде на пенали. А таму остана незаборавната слика на капитенот на Челси Џон Тери кој се лизна при решавачкиот пенал и Јунајтед стана првак на Европа.

На играчите на Јунајтед водата им донесе среќа и не им сметаше да ја прослават големата титула

АРГЕНТИНА - ПЕРУ

Историски меч одбележан со вода беше и Аргентина - Перу, квалификациски дуел за Светското 2010 во Јужна Африка.

На страшен град домаќинот поведе со 1:0, но Перу израмни во ’92-та минута. Следуваше  „Свети“ Мартин Палермо со гол во 93’ минута кој на „Гаучосите“ им ги донесе клучните бодови за пласман на Мундијалот. Емотивен меч на силен дожд.

Селектор на Аргентина тогаш беше Марадона кој се радуваше како дете на дождот и се лизгаше по теренот на „Монументал“ во Буенос Аирес вечерта на 11 октомври 2009.

АТЛЕТИК БИЛБАО - ТОРИНО

Последниот голем европски настап на Торино во Европа беше на силен дожд во Билбао. „Биковите“ победија 2:3 и се пласираа во осминафиналето на Лига Европа. Прекрасен меч којшто дождот го направи херојски. Првиот меч на „Олимпико“ заврши 2-2 а во реваншот головите за Торино ги дадоа Кваљарела, Макси Лопез и Дармиан. За Билбао Ираола и Де Маркос. Сезоната 2014/2015 на Торино беше фантастична.

МАРКО ПАНТАНИ - ТУР ДЕ ФРАНС

На невиден град се возеше и трката Тур де Франс на 27 јули 1998 година кога „Пиратот“ Марко Пантани јуначки ја извозе етапата Галибие. Во иста година ги освои Џиро д’Италија и Тур де Франс.

ДОКТОР ВАЛЕНТИНО РОСИ

Водата беше добар сојузник и на легендарниот мотоциклист Роси. Во сезоната 2015-та на трката за Големата награда на Велика Британија во Силверстоун патеката беше „избањата“ од силен дожд, но тоа не му сметаше на Вале да го однесе дома првото место.

ФОРМУЛА 1 НА ДОЖД

Преминуваме на Формула 1 и најдобрата трка во кариерата на легендарниот Ајртон Сена кој славел на трката за ГН на Монако. Бразилецот завршил пред Алан Прост.

ГН на Шпанија, 1996-та година. На патеката Монтмело имаше повеќе вода отколку асфалт. Михаел Шумахер во своето Ферари ја извозе можеби најхрабрата трка во кариерата и ја забележа првата победа во црвениот тим.

 

СПА 1998

Дождот за Шумахер не значеше само прва негова победа во Ферари, туку и сеќавање на легендарниот дуел со Култхард во Белгија. Шуми и Култхард се јадеа еден до друг, а Германецот во еден момент продолжи да вози без една гума.

22 март 2017 - 14:45