Што е карлинг?
Наједноставниот одговор е: Па оној што го има секогаш на Зимски олимписки спортови.
Најчестиот одговор е: Тоа ти е кога мрзливи луѓе буткаат камења на мраз, а оние што не знаат што да прават, го чистат мразот со метли пред тие камења и сите викаат.
Најблискиот одговор: Тоа е спорт кој се игра на мраз во кој се туркаат тркалезни камења, а еден тежи нешто помалку од 20 кг. Два тима се натпреваруваат во туркање камења од едниот до другиот крај на теренот, каде што има голема тркалезна мета нацртана на мразот, со цел да има што е можно повеќе камења најблиску до центарот.
Каде настанал?
Во земјите со богати езера во северна Европа. Најстариот пишан документ датира од 1540 година и е пронајден во Шкотска. Затоа оваа земја се смета за дом на карлингот. Во шкотскиот град Единбург се наоѓа Royal Caledonian Curling Club, најстариот активен клуб основан во 1838 година.
Таму биле напишани првите официјални правила за овој спорт кој се игра од 16 век, а првите сериозни меѓународни натпревари се одржале во 19 век во Европа и Северна Америка.
Како настанал?
Не се знае точно, постојат само претпоставки. Луѓето ги граделе своите куќи и огради од камења, а во езерата и бреговите имало убави обликувани камења.
Во време кога немало багери и камиони, чекале да дојде зима да замрзне езерото за да може да ги туркаат. Кога тоа го правеле во друштво, ги тркалале побрзо, подолго и посилно и така почнале да се натпреваруваат.
Канада има над 2 милиони членови и практичари во карлинг, САД околу 20.000, Шкотска 15.000, Шведска 7.000, Русија 6.000, а потоа се Кина, Швајцарија, Норвешка, Данска, Јапонија, Германија и Финска со најмалку 2.000 регистрирани.
Во Италија само 333 луѓе се занимаваат со овој спорт. Двајца од нив штотуку освоија злато во Пекинг и тоа непоразени на 11 натпревари. Се викаат Стефанија Константини и Амос Мозанер, инаку брачен пар за кои денеска се пишува дека го направиле еден од најголемите подвизи во историјата на италијанскиот спорт.
🥇🇮🇹 STEFANIA CONSTANTINI E AMOS MOSANER D'ORO 🇮🇹🥇
— Eurosport IT (@Eurosport_IT) February 8, 2022
Avete presente le favole? Questa è la realtà. Incredibili! #Beijing2022 #curling #Olympics pic.twitter.com/NAL4iTa9Sq
За Италија ова е прв златен олимписки медал во карлинг, откако во финалето во мешани двојки ги совладаа Кристин Скаслиен и Магнус Недреготен од Норвешка со 8:5.
Момент кој создаде еуфорија во Италија и кај домаќините кои по дома користат модерна правосмукалка.
Карлингот е официјално олимписки спорт од Зимските олимписки игри 1998 во Нагато, Јапонија и 70 години чекал да стане дел од игрите. Светските првенства во машка конкуренција се играт од 1959-та, а во женска од 1979 година.
Канада доминира со три златни медали (2006, 2010 и 2014) и две сребра (1998 и 2002), освоени во машка конкуренција, а пет олимписки медали имаат и жените од кои два златни. Пред четири години во Пјонгчанг злато освоија и во мешани двојки.
Иако делува како стратешки спорт од типот на шах и е безконтактен, сепак излезе податок дека е поопасен од неколку други спортови помеѓу кои се и ски скоковите, брзото лизгање и санкањето.
Тоа стои во анализата на листата на повреди од Зимските Олимписки игри во периодот 1998 - 2010. Четири проценти од натпреварувачите во карлинг се повредиле на ЗОИ во Ванкувер 2010.
Разно разни глупирања се појавија низ годиниве на сметка на овој спорт, како на пример ова на фудбалерите на Саутемптон.