ОИ Рио 2016

Најдобриот потег на ОИ во Рио е дело на две атлетичарки

На ОИ се стигнува за да во најсилна конкуренција се покаже што се остварило до тогаш во кариерата. Личен рекорд, злато и прв медал се предизвици, но олимпизмот учи да не заборавиме дека сме луѓе.

Во текот на вчерашниот ден се трчаше квалификационата трка на 5.000 метри која што ја одбележа најемотивниот момент досега на Игрите во Рио.
 
На близу четири круга од целта, Американката Еби Д’Агостино се сопна и многу незгодно падна. Притоа ја поткачи и Ники Хамблин од Нов Зеланд која исто така падна и многу потешко се повреди од Американката.

Еби Д’Агостино комотно можеше да продолжи да трча, тотално несвесна дека коленото ѝ е потешко повредено отколку што мисли. Публиката очекуваше Еби да продолжи да трча, но таа застана, се врати до натпреварувачката од Нов Зеланд која што дотогаш не ја познавала од никаде.

 

„Дојде до мене и со пријатен тон ми кажа ’Ајде можеш ти, ајде, мора да ја завршиме тркава“, се сеќава Ники Хамблин од Нов Зеланд на емотивниот момент.

Двете набрзо станаа и повредени тргнаа по патеката. Немаа шанси да обезбедат финале, но заедно минаа низ целта. Еби, која што се врати да и помогне на Ники пред финишот веќе не можеше да се движи, болките во коленото станале се понеподносливи. Во тој момент Ники застана, се врати и возврати со помошта. Двете заедно ја минаа целта.

“Ако ми верувате дека јас никогаш не сум ја видела порано. Но ова што го стори, тоа што ни се случи ќе го паметам до крајот на животот“, изјавила атлетичарката од Нов Зеланд.

На крајот големиот олимписки семафор покажуваше резултати, Д’Агостино која замина од патеката на количка беше последна (16-та), а Ники Хамблин беше претпоследна. Во финалето пласман обезбедија само четири натпреварувачки.
 
Нешто подоцна од Меѓународниот Олимписки Комитет стигна фантастична вест: „Одлучивме во случај да бидат здрави, Еби Д’Агостино и Ники Хамблин да учествуваат во олимпиското финале. Им даваме дозвола за тоа“.
17 август 2016 - 10:58