По измачувачкиот циркуз кој се случуваше минатата година на Австралија Опен во врска со вакцинацијата, годинава оние кои помалку ги интересира тенис, а повеќе политика, се занимаваа(т) со работи кои немаат врска со тенисот.
Веќе стана редовна пракса на сите релевантни федерации (фудбалска, кошаркарска, тениска, ракометна и др.) спортистите од Русија и Белорусија да играат под „туѓо“ знаме или без знаме покрај своето име.
Така пред овогодинешниот Австралија Опен, организаторите одлучија тенисерите и тенисерките од овие две земји, па и нивните навивачи да не смеат да носат руски и белоруски обележја. Имало конотација со поддршка на руската инвазија во Украина пишуваа воглавно западните медиумски гиганти кои здушно се залагаат за слобода на говор.
Темата се загреа уште на стартот на Австралија Опен кога на мечот меѓу Украинката Екатерина Бајндл и Русинката Камила Рахимова, петмина гледачи биле исфрлени од гледалиштето само затоа што едниот од нив носел руско знаме, а друг маица и капа со натпис Русија.
Веднаш после овој меч се крена лавина реакции на социјалните мрежи, а украинскиот конзул во Австралија побарал реакција од тенискиот сојуз на оваа земја. Одговор стигна и веднаш на редарите им бил доставен список на знамиња и обележја кои се забранети на трибините (руски и белоруски, како и облежја со буквата Z која се поврзува со одред на руската армија).
Во меѓувреме немаше ниту збор од организаторот а ни наслови во најголемите европски медиуми за инцидентот на мечот меѓу Андреј Рубљов и Финецот Емил Русувуори кога група млади луѓе веела украинско знаме на трибините и постојано го провоцирала Рубљов кој на крајот победи. „Мене навистина не ми смета украинско знаме, туку ми сметаа навредите на моја сметка“, кратко рекол рускиот тенисер.
Следуваше голем метеж по мечот меѓу Новак Ѓоковиќ и Андреј Рубљов во четвртфиналето. По триумфот на Србинот, десетина негови навивачи со српски и руски знамиња скандирале песни за Русија и рускиот претседател Владимир Путин. Во центарот на настанот се најде и татко му на Ѓоковиќ кој не скандирал ништо но се фотографирал со луѓе кои држат руско знаме со ликот на Путин.
За парадоксот на нештата да биде поголем, во завршницата на машкиот дел од турнирот се најдоа Русите Карен Качанов и Андреј Рубљов, во женскиот дел во полуфинале се најдоа Белорусинките Алина Сабаленка, Викторија Азаренка и Московјанката Елена Рибакина која од 2018-та добила казахстански пасош и игра под знамето на Казахстан.
Во јуниорското женско финале ќе играат младите 15-годишни Русинки Мира Андреева и Алина Корнеева.