Мојсовска не обезбеди финале во Париз, но имаше солиден настап

Анастасија Мојсовска e втората македонска спортистка која настапи на Летните олимписки игри во Париз, како и втора за која е завршена Олимпијадата.

Мојсовска постигна солиден резултат во квалификациите во стрелачката дисциплина 10 метри со воздушна пушка.

Постигна резултат од 625,3 кругови и со тоа заврши на 31. место од 43 натпреварувачки.

Нашата претставничка не успеа да го повтори својот најдобар резултат и државен рекорд постигнат неодамна на Светскиот куп во Минхен.

Ако го повтореше својот најдобар резултат (628,8), Мојсовска ќе беше во Топ 15 во оваа дисциплина, што покажува дека е многу блиску до светската стрелачка елита.

Пласман во финалето обезбедија само осумте најдобри кои ќе се борат за медали.

Најдобар резултат во квалификациите имаше Хуоџин Бан од Јужна Кореја (634,5), по што следуваа Џанет Дуештад од Норвешка (633,2) и Одри Гоњат од Швајцарија (632.6).

Од шестчлената македонска делегација, следниот настап е резервиран за џудистот Еди Шерифовски, кој во вторник ќе настапи во категоријата до 81 килограм.

28 јули 2024 - 16:44