Марк Маркез и чудото да победиш на светска трка со една рака после три тешки операции

Шесткратниот светски шампион во Мото ГП, Марк Маркез сезонава ја импресионираше светската јавност откако изведе научно-фантастична победа со користење цел товар само на една рака, подвиг што не се гледа често.

На само три рунди до крајот од големата сезона во МотоГП, нè очекува епска трка во Емилија Ромања (Италија).

Ќе биде голем викенд од неколку причини: прво, сензационалниот 22-годишен лидер Фабио Квартараро од Монстер Енерџи Јамаха би можел да биде крунисан за нов шампион и да стане првиот првак од Франција во историјата на Светскиот шампионат во мотоциклизам.

Второ: големиот доктор Валентино Роси (Петронас Јамаха СРТ) за последен пат во кариерата ќе вози на домашно тло и за очекување е илјадници тифози да го поздрават пред да ја заврши богатата и славна кариера наскоро.

Французинот Картараро (22) е 52 бода пред второпласираниот Франческо Бањаја (Дукати Леново) и се очекува голема борба во Италија.

Но најголемото чудо сезонава го направи Марк Маркез, легендарниот и трофеен Шпанец кој на 3 октомври победи на Гран При во САД, а тоа му беше втора победа по онаа во Германија.

Маркез финишираше втор во Арагон, четврт во Сан Марино и извозе два најбрзи круга. Во моментов е на 7. место во генералниот пласман. Каталонецот одново вози добро и на јапонскиот производител Хонда му ги врати шансите да заврши во Топ 3 на крајот меѓу конструктори (во моментов се 5).

И што е толку чудно ако 6-кратен светски шампион победи на пар трки?

Чудно е затоа што Маркез се врати при врвот откако пропушти цела една претходна сезона и двете стартни етапи од оваа. Чудно е затоа што кариерата на Маркез му беше доведена под прашање.

Причина за тоа - страшниот прелом на рамената коска (хумерус) на Гран прито во Шпанија 2020.


Марк Маркез последен пат пред повредата се качи на победничкиот подиум на 17 ноември 2019 година. Тогаш славеше на трката во Валенсија. Минатата сезона почна многу подоцна поради глобалната пандемија, така што првата трка ја чекавме дури до 19 јули 2020-та кога се одржа тркачкиот викенд на патеката во Ксерез во Шпанија.

Неверојатниот Маркез до тој момент во кариерата многу пати избегнуваше страшни падови и вешто управуваше со својот мотоцикл, но во Ксерез при еден обид да го нападне и претекне лидерот Квартараро, доживеа ужасен пад и за среќа остана без тешки последици.

ШТО НАПРАВИ ПОСЛЕ СТРАШНИОТ ПАД?

Марк Маркез по болниот и животно-загрозувачки пад во Ксерез имал три хируршки операции. Но времето предвидено за опоравок му додеало, па тој успеал дури и да ја скрши плочката во рака, да исфорсира брзо враќање, да преживее инфекција, да изгуби неколку килограми мускулна маса....

Иако прво изгледало дека сè ќе биде добро и дека трофејниот №93 брзо ќе се врати, сепак не беше така. Маркез се појавил на тренинг само 4 дена по првата операција (со тој зафат му фиксирале плочка во раката и имал 12 штрафа). Тој и тимот беа упорни и решија тој да вози и на втората трка во Ксерез.

Маркез дојде и на втората етапа од сезоната и се обиде да ги помине квалификаиицте. Но брзо се соочил со страшни болки и се повлече. Наскоро пак морал кај хирурзите. Поради бизарна причина.

„Марк ја имаше и втората операција на рамената коска поради еден домашен инцидент. Се обидел да отвори прозор и наеднаш почуствувал силна болка. Откривме дека ја скршил плочката во него. Тоа се случи после сите тешки маки кога мислевме дека Марк конечно ќе настапи.

Лекарите се сложија и не ни кажаа дека плочката може да се скрши. Да знаевме немаше да му дозволиме да седне во седло“, изјавил менаџерот на Хонда.

Тоа било на почетокот на август, а враќањето на Марк на патеката го планирале за 2-3 месеци, но бројот 93 не стигна на стазата. Наместо враќање, се проширија гласини за трета операција и веројатна потреба да се прескокне почетокот на новата сезона (оваа актуелнава) поради слабата работа на докторите со местење на плочата на првиот зафат.

„И кога ќе се врати Маркез, ќе начека многу поинакво првенство од она кое го напушти. Многу момци сезонава го подобрија темпото и продолжуваат стабилно да забрзуваат. А кога година дена не возите мотор во МотоГП, ќе ви треба некое време да го вратите макар старото темпо. Секогаш се врти во глава мисла за тоа како си возел порано кога реалноста ќе ве врати на земја и тоа е многу тешко“, изјавил тогаш Кеви Шварц, мотоциклист шампион од MotoGP 93.

СЕ КРЕНА ОД ПЕПЕЛТА КАКО ФЕНИКС

По третиот зафат во декември 2020. Маркез почнал да тренира со мини-моторцикли и да се спрема за она што го чека.

Покрај тешкотиите со раката по операцијата, Маркез морал да се соочи и со психолошките препреки, очекувани и природни стравови.

Сезонава започна на 2. април, а првите две трки се возеа на луксузната патека Лосаил во Катар. Маркез не возеше во ниту еден од тие два викенди во Катар, па тоа разбуди шпекулации дали тој воопшто ќе им се врати на трките или тоа е крај на неговата кариера?

Втората трка во сезоната се возеше на патеката Портимао во Португалија, прва на европско тло во сезоната, на 18 април. Оваа патека е исклучително многу технички и физички захтевна, особено на кочењето за првата кривина.

Марк Маркез се охрабри и се врати. За првпат од 19 јули 2020-та, 28-годишниот Шпанец се врати на патеката на 18 април 2021.

И покрај тоа што многумина сметаа дека тој веќе никогаш нема да биде во можност воопшто да се качи и да вози МотоГП трка, Маркез го освои одличното 7. место.

По низа падови во Ле Ман на дожд, во Мугело (Италија) и Каталонија, Маркез мислел дека никогаш нема да може да биде оној стариот, но многу му помогнал и практично го вратил во живот еден 30-минутен разговор со легендарниот Мик Дуан, икона на мотоциклизмот од ’90-те години кој исто така после страшна повреда во Асен 1992 им се вратил на патеките.

САКАНИОТ САКСЕНРИНГ И НАГРАДА ЗА ЦЕЛИОТ ТРУД

Трката за големата награда на Германија се возеше на 20 јуни летово. Ова патека во Саксенринг му е омилена на Марк Маркез кој оствари неверојатни 10 победи по ред тука во претходните 10 сезони.

Освен посебно изработен комбинизон, Маркез морал да го вози моторот со една рака поради операцијата.

Втора работа поврзана со оваа патека е што е „лев круг“ кој би требало да му одговара на Маркез односно помалку да му ја оптоварува послабата десна рака. Тој буквално морал да ја користи само левата.

Пред самиот старт на трката изразот на лицето му беше смртно озбилен и тој се фокусираше на тоа што следи. Одлично ја почна трката и прашање беше дали ќе може да ги издржи напорите до крај. Во моментот кога поведе на првото место, се појави слаб дожд.

Маркез, лудо храбар додека сите намалиле ритам и отстапиле, тој продолжил да форсира и стекна предност во однос на ривалите.

Шпанецот успеа да ги одбие сите напади на Мигел Оливеира и на крајот прв да помине низ целта. Уште откако ја помина целната линија тој славеше како никогаш во кариерата. Едвај ги додржа солзите за време на интервјуто. Ова му беше најдрага победа во кариерата.

Среќата ги прати храбрите, а Маркез сигурно спаѓа меѓу оние храбри кои се жртвуваат себе за да го прават тоа што најмног го сакаат. Дури и никогаш да не се вратеше на патеките, Шпанецот ќе останеше запаметен како еден од најголемите шампиони на сите времиња.

Без оглед дали ќе продолжи да биде при врвот или не, триумфот на Маркез е доказ дека се во животот е можно и дека човек никогаш не треба да се предава.

 

19 октомври 2021 - 13:08