Кралот се врати

Во финалето на Ролан Гарос, неверојатниот Рафаел Надал во три сета убедливо го совлада Новак Ѓоковиќ (6:0, 6:2 и 7:5) и го освои 20-от Гренд Слем во кариерата со што се израмни со Роџер Федерер.

Со тоталната доминација на земјена подлога и 12 освоени титули во Париз, Надал беше фаворит против Ѓоковиќ, но добрата форма му даваше шанси на Србинот дека може да им се приближи на Надал и Федерер по бројот на освоени Гренд Слемови.

Но се покажа дека кога Надал игра на максимум на земја, му нема рамен.

Првите 2 сета синоќа во Париз беа можеби најдобри во кариерата. Буквално го сомле Новак и докажа дека е крал на земјата (Ѓоковиќ после мечот изјави дека Рафа дефинитивно покажа зошто го викаат кралот на земјена подлога).

Надал го одигра можеби и најдобриот меч во кариерата на поле на агресивност и реализација на своите шанси - имаше само 14 неизнудени грешки од кои 8 во третиот сет кога веќе се приближи до титулата. 13-та титула во Париз:

Во меѓусебните дуели Ѓоковиќ води со 29:26 во триумфи но на земја убедливо предноста е на страна на Надал 17:7. Што е уште поважно, Шпанецот доби 6 од последните 7 средби на Ролан Гарос. Од друга страна, Новак е еден од двјцата единствени тенисери кои го победиле Рафа во Париз. И после тоа четвртфинале на Ролан Гарос во 2015 (Ѓоковиќ славеше исто во три сета) на земјен Гренд Слем не се сретнаа до синоќа.

Надал и Ѓоковиќ го одиграа 56-от меѓусебен меч, двајцата одиграле најмногу средби еден против друг во историјата на машкиот тенис (во женски Крис Еверет и Мартина Навратилова се сретнале дури 80 пати).

Финалето во Париз беше 27-мо меѓусебно за Шпанецот и Србинот, а 9-то на Гренд Слем.

„Она што го правиш на овој терен е неверојатно. И не само на овој терен, туку низ целата твоја кариера ти си голем шампион. Денес покажа зошто си Кралот на земјата“, рече Новак Ѓоковиќ непосредно по церемонијата на наградување.

34-годишниот Надал кој во моментов е 2 на ранг листата сега има лудачки учинок на Ролан Гарос со 100 победи и 2 порази. Шпанецот славел 26 победи без ниту еден пораз во полуфинале ни финале.

Рафа првпат го освои легендарниот Ролан Гарос во 2005 па направи серија до 2008-ма. Подоцна освои пет пехари на овој елитен Гренд Слем од 2010 до 2014 и тоа паралелно со титулите: 4 на УС Опен, 2 на Вимблдон и 1 на Австралија Опен.

Надал и Федерер сега имаат по 20 Гренд Слем титули, а Ѓоковиќ 17. 

Новак претходно победи на 14 од последните 18 средби со Надал. Последен пат славеше над неговиот добар пријател во 2019 во финалето на Австралија Опен.

НА ВЕЧНАТА ЛИСТА ВО МАШКИОТ И ЖЕНСКИОТ ТЕНИС, НАЈТРОФЕЈНИ ПО БРОЈОТ НА ГРЕНД СЛЕМ ТИТУЛИ СЕ:

Маргарет Корт - 24
Серена Вилијамс - 23
Штефи Граф - 22
Роџер Федерер - 20
Рафаел Надал - 20
Новак Ѓоковиќ - 17