Каква е состојбата во спортот со коронавирусот, што ќе се игра а што не?

Новиот Ковид-19 продолжува да се шири по Европа и сериозно да влијае на животот на овој континент. Спортот страда заедно со другите масовни настани и ситуацијата со некои натпреварувања е нејасна.

УЕФА

Она што нам ни е најважно. Македонија ја чека историски бараж меч со Косово на 26. март. Последната одлука е дека натпреварот на „Тодор Проески“ во Скопје ќе се игра без присуство на гледачи.

Во меѓувреме, од ФФМ соопштија дека поднеле допис до УЕФА мечот да се одложи за друг термин, со цел на стадион да има гледачи што би било од голема помош за нашите репрезентативци.

Официјално, без публика ќе се играат баражите: Норвешка - Србија, Босна и Херцеговина - Северна Ирска, Словачка - Република Ирска.

Инаку Catalunya Radio прв соопшти дека УЕФА ја разгледува можноста да ги суспендира на неопределено време Лига на шампиони и Лига Европа, а како последица на тоа би требало да се пролонгира и Европското првенство 2020 кое летово треба да се одигра во 12 града. УЕФА сè уште оддолева на барањата Евроопското да се одложи.

ЕВРОЛИГА

Кошаркарската Евролига е единствена која како да не ги слуша препораките на властите за одложување на натпреварите, па така неделава ќе се играат натпревари меѓу кои и еден во Милано (Олимпија Милано - Олимпијакос). Исто ќе играат и Реал Мадрид - Црвена Звезда, АСВЕЛ - Зенит, Барселона - Жалгирис.

ФОРМУЛА 1

Во Австралија каде во недела ќе се вози првото Гранд При на сезоната, два члена на тимот Хаас и еден од Мекларен се ставени во самоизолација затоа што имале симптоми на коронавирус.

ФУДБАЛ

ИТАЛИЈА

По неколкунеделна дискусија што и како, италијанската фудбалска лига реши да ги суспендира првенствата на неопределно време. Последното одиграно коло беше без присуство на гледачи. Ниту европските екипи кои треба да допатуваат во Италија за одигрување на натпревари не сакаат да ризикуваат, па така шпански Хетафе одбил да лета во Милано за меч со Интер во Лига Европа.

Исто е и со младинската Лига на шампиони каде Интер реши да не игра.

Останува да се види со реваншот Јувентус - Лион за кој последните информации се дека ќе се игра без гледачи. Во однос на мечот Севиља - Рома од Лига Европа, одигрувањето се уште виси, со оглед на тоа што Шпанија и Италија воведуваат забрани за влез и излез од своите земји.

ФРАНЦИЈА

На препорака на властите, француската фудбалска федерација донесе одлука сите натпревари до 15 април да се играат без гледачи. Меѓу нив и реваншот од 1/8 финалето на ЛШ меѓу ПСЖ и Борусија Дортмунд.

Првиот меч кој беше одложен поради опасност од ширење на вирусот беше Стразбур - ПСЖ од 7. март.

АНГЛИЈА

Англичаните периодов не носеа драстични мерки, освен онаа бесмислената играчите да не се ракуваат, како да во текот на 90 минути да нема дуели, лизгачки стартови, дишење во лице при чување од прекин итн.

Денешниот натпревар Манчестер Сити - Арсенал закажан за вечерва е одложен поради опасност од ширење на вирусот.

Паниката на Островот стигна откако сопственикот на Олимпијакос и Нотингем Форест, Евангелос Маринакис призна дека е заразен со коронавирус а неколку дена претходно бил во соблекувална кај играчите и присуствувал на мечот Арсенал - Олимпијакос во ложата на „Емирати“.

Во Чемпионшип сега за сега нема одлука за играње без присуство на публика, но големи се шансите такво решение да се донесе во следните часови.

ШПАНИЈА

Лига соопшти дека следните 2 кола во Шпанија, 28. и 29. ќе се играат без гледачи. На „Сантијаго Бернабеу“ Реал ќе игра против Еибар и Валенсија без публика, Барселона на „Камп Ноу“ освен против Наполи, со затворени врати ќе го одигра и мечот со Леганес.

Истото важи и за Сегунда Дивизион. „Во постојан контакт сме со Министерството за здравство и даваме приоритет на здравјето на навивачите, играчите, вработените во клубот и новинарите поради кризата со вирусот“. И таму ќе се игра без присуство на гледачи.

Севиља - Рома без гледачи во Лига Европа.

ГЕРМАНИЈА

Бундеслига исто ги затвора вратите за гледачите. Следниот викенд нема да има публика на сите натпревари меѓу кои и на дербито Борусија Дортмунд - Шалке и Унион Берлин - Баерн Минхен. Изненадувачки е како реваншот меѓу РБ Лајпциг и Тотенхем се одигра со гледачи.

Исто сценарио и за Бундеслига 2. „До даљнег“ без луѓе на трибините.

Од претходно е одлучено реваншот од ЛШ Баерн Минхен - Челси да се игра без гледачи а на 31. март Германија - Италија ќе одиграат пријателска во Нирнберг без гледачи. Барем таква е одлуката за сега иако постои можност да се одложи овој меч.

ДАНСКА

Без гледачи. Инфициран бил Томас Каленберг, поранешен репрезентативец. Во Брондби 15 луѓе биле во карантин.

ХОЛАНДИЈА

Повеќе од 300 натпревари во сите фудбалски лиги ќе се одиграат без гледачи. Во карантин веќе неколку дена се тренерот на Ајакс, Кристијан Поулсен и уште двајца вработени во клубот.

ПОРТУГАЛИЈА

Сите натпревари без публика или ќе бидат одложени.

ТУРЦИЈА

Турската фудбалска федерација соопшти дека првенството ќе се игра со присуство на гледачи.

ПОЛСКА

Сите натпревари без гледачи.

ШВАЈЦАРИЈА

Без гледачи + без публика мечот од Лига Европа меѓу Базел и Ајнтрахт.

ГРЦИЈА

Сите натпревари минимум до 24 март без гледачи а нема да има дозвола за влез ниту на мечот Олимпијакос - Вулверхемптон од Лига Европа.

КИНА

Стартот во првенството е одложен уште пред речиси 1 месец. Одложена е и азиската Лига на шампиони како и квалификациите за Светско 2022.

САД

Во НБА решија да ги затворат соблекувалните и подтрибинскиот простор за медиумите, а натпреварите уште се играат со публика.

КАНАДА

Одложени фудбалски натпревари.

РУСИЈА

Не повеќе од 5.000 гледачи на натпреварите во Москва. Во другите градови дозволен е влез на публика.

РОМАНИЈА

Сите натпревари ќе се играат без гледачи.

СРБИЈА

По препорака од надлежните власти, во Србија натпревари во затворен простор (сали) нема да се играат со присуство на публика, но оние на отворено ќе бидат слободни за влез на публика.

ТЕНИС

Прв турнир кој уште пред неколку недели и официјално беше откажан е Индијан Велс кој требаше да почне во четврток. Официјалните лица на турнирот во Калифорниската пустина соопштија дека го одложуваат Индијан Велс затоа што здравјето на играчите и гледачите е најважно.

Ништо чудно наскоро да се одржат и сите претстојни турнири меѓу кои и Мастерсите во Рим и Мадрид.

11 март 2020 - 12:40