Како Жерар Пике направи раскол во светскиот тенис?

Во светот на тенисот се судрија различни ставови во однос на идејата за промена на форматот на традиционалниот 118-години стар Дејвис Куп.

На крајот од февруари, Меѓународната тениска федерација (ITF) ги објави намерите за глобална реформа на Дејвис Купот. Проектот е разработен заедно со инвестициската група Kosmos чијшто основач и прв човек е фудбалерот Жерар Пике: планот е пресметан на 25 години, а општиот буџет изнесува цели 3 милијарди долари.

ITF, светската тениска федерација сака да го смени називот и форматот на најпознатиот тениски турнир за репрезентации којшто е стар дури 118 години!

Новото финале на Светскиот тениски Куп (World Cup of Tennis Finals) најверојатно веќе нема да биде развлечен по целиот свет и цела сезона - за да се добие на динамичност финалето ќе се игра за една недела (во ноември) и само во еден град. Меѓу учесниците ќе има 18 репрезентации и сите ќе почнат од групна фаза. Секој дуел ќе се состои од три меча во трократен формат: два единечни дуели и еден во двојки.

Но сево ова е само проект и тој мора да биде изгласан од Генералното собрание на ITF коешто ќе претседава во август на Флорида. Ако предлогот го поддржат помалку од две третини од учесниците, Дејвис Купот ќе остане во актуелниот формат.

На пример, минатата година Генералното собрание лани не успеа да го изгласа предлогот за натпревари во три сета наместо во формат од пет сета (фалело 3& гласови). Но првиот човек на ITF Дејвид Хеферти е сигурен дека радикалниот план ќе добие голема поддршка.

ОД КАДЕ ПИКЕ ВО ТЕНИС?

Одличниот стопер на Барселона е голем љубител на тенисот. Тој се дружи со голем дел од шпанските играчи и редовно ги посетува натпреварите од турнирите во Барселона и Мадрид. Второ, интересен му е и деловниот проект. Тој се пробал себе во бизнисот. Поседува мала компанија Kerad Games.

Покрај тоа сопругот на пејачката Шакира помогнал и за организирање на спонзорска зделка меѓу Барселона и јапонската компанија Rakuten чиешто лого од новата сезона ќе се појавува на дресовите на Барса. Пике и Шакира се дружат со шефот на Rakuten Хироши Микитани којшто како што пишуваат шпанските медиуми, „го поддржал“ основањето на Kosmos.

КОЈ Е ЗА?

Хегерти смета дека новиот формат има толку многу плусеви што невозможно е да не се поддржи. Како прво, вели тој, турнирот ќе се одвива многу побрзо а не да се развлекува цела година. Таквата организација досега ги одбиваше најголемите ѕвезди: во последно време, тврди шефот на Светската тениска федерација, главните ѕвезди не беа спремни да се ашкаат четири недели од сезоната и сега се согласуваат да играат една недела на крајот од годината.

Како второ, примамлив за играчите може да биде и главниот фонд кој ќе биде во размер од околу 20 милиони долари.

Приврзаниците на промените тврдат и дека промените ќе им годат и на националните тениски федерации на секоја земја. Прво тие веќе нема да мора да губат време и средства на организација на домашните мечеви. Второ, ITF од инвеститорите ќе обезбеди и пари за развојните програми за тенисот во неколку земји.

Експертите говорат дека Хегерти се надева да ги заработи потребните гласови на генералното Собрание со тоа што ќе мотивира неколку сиромашни федерации.

Планот веќе го поддржале и некои топ-играчи како на пример Новак Ѓоковиќ: „Ова се неверојатни вести. Ние сите сакаме да играме за своите земји, но јас одамна зборев дека сегашниот систем не функционира. Новиот турнир ќе биде привлечен за светот на спортот, за спознорите, за навивачите, за медиумите. И ќе има повеќе пари за федерациите“.

Ѓоковиќ едно време го поврзувале со инвестирање во новиот турнир, но Србинот децидно ја отфрлил оваа теза: „Со Жерар Пике сме добри другари и често се слушаме и гледаме. Можеби затоа медиумите ме поврзале и мене со овој проект. Немам ништо со тоа“.

Поддршка за новиот Дејвис Куп стигна и од светскиот рекет број еден, Рафаел Надал кој вели дека „тоа е најдобра иницијатива која можеше да се случи“. Планот го поддржал и Давид Гофан којшто го принудил и претседателот на белгиската тениска федерација да смени мислење: тој првично бил жестоко против но сега заземал поумерен став. А третиот рекет на светот Хрватот Марин Чилиќ изјавил дека 99% од играчите сакаат да играат во новиот формат.

Шефот на Швајцарската тениска федерација Рене Штамбах планира да гласа за реформите затоа што актуелниот Дејвис Куп формат им носи напорни домашни мечеви. Швајцарија според него во последните неколку години потрошила дури 5 милиони евра за организација. „Турнирот сега им носи придобивка само на 4-5 земји“, вели Штамбах.

КОЈ Е ПРОТИВ?

Многу биле изненадени од планот за реформи во Дејвис Куп. Потпретседателот на германската тениска федерација Дирк Хордорф напишал дека раководството на ITF не се консултирало ниту со Советот на играчи на ATP, ниту со националните федерации, ниту со спонзорите на Дејвис Купот и ФЕД Купот. Освен тоа, првиот човек на германскиот тенис вели дека не му се допаѓа ни тоа што ITF секоја година крои нов план за спас на турнирот: „Тоа покажува дека не веруваат во сопствениот концепт. Хаотичната работа укажува на недостиг од професионализам“.

Дирк Хордорф

Главната причина за незадоволство е тоа што фактички ITF сака да го убие Дејвис Купот и да создаде нов турнир. Такво нешто тврдат и златните Французи на чело со Лук Пуј којшто лани на својата репрезентација и го донесе првиот златен трофеј уште од 2001. година.

Пуј е спремен дури и да го бојкотира Дејвис Купот: „Не сакам да учествувам на таков турнир, тоа е скроз друго чувство. И парите не ми се важни затоа што не е се во нив“, вели Пуј чијшто аргумент на ITF за привлекување на топ-играчи не „пие вода“ затоа што суштината на Дејвис Купот е за репрезенатации а не за ѕвезди.

Јаник Ноа на Твитер напиша: „Они ја продадоа душата на историскиот турир. Извинете мистер Дејвис“.

Капитенот на француската селекција го поддржал и некогашниот член на руската репрезентација која што освои злато во 2002 година, Евгени Кафелников: „Зар ќе го допуштиме ова, другари мои? Сеако дека НЕ. Ние цел живот сме посветени на овој турнир и ова не смее да се случи“.

Капитенот на репрезентацијата на Австралија Лејтон Хјуит го обвинува ITF за алчност: „Како милијардер може да дојде и да го купи еден од најголемите и најважните турнири во нашиот спорт? Суштината на новиот турнир е во парите а не во настапот за својата земја. Тоа е потполно бесмислено“.

Со легендата се сложува и 19-годишниот австралиски тенисер Алекс де Минаур кој исто е против: „Ми велат дека може да уништат турнир со неверојатно долга историја“.

Очигледно е дека инвеститорите во новиот турнир немаат многу нежни чувства за Дејвис Купот. Тие се решени да го организираат во нов формат по секоја цена.

Од друга страна има критики и поради тоа што не се планирани реформи за ФЕД Купот како женски еквивалент на Дејвис Купот (машки репрезентации). Капитенот на женската селекција на Велика Британија Ен Кетавонг вели: „А што ќе биде со ФЕД Купот? Што ќе видиме ние од промените?“

Иако никој не е спремен да вложи 3 милијарди долари во женски репрезентативен тенис, BBC пишуваше дека ITF има намера да го развие и женскиот тенис како машкиот.

КОНКУРЕНЦИЈА

Во светскиот тенис има три основни раководни организации: ITF е одговорен ѕа играта во целост и ги организира „Гренд слемовите“, Дејвис Купот и ФЕД Купот. ATP се занимава со професионалниот машки тенис, а WTA со професионалниот женски тенис. Сите организации нормално функционирале меѓу себе но понекогаш има разногласие.

На пример овие три столба на светскиот тенис не се договориле за рејтингот и бодовите за Олимпијадата поради што неколку играчи не отпатуваа во Рио де Жанеиро. Во последно време Дејвис и ФЕД Купот не носат голема заработка и сите играат од ентузијазам и љубов кон своите земји (играчите заработуваат хонорари од националните федерации).

Во март годинава стана јасно дека меѓу ITF и ATP има конфликт затоа што машката Асоцијација се спрема да стане директен конкурент на Меѓународната федерација. ATP не станала дел од соработката со богатата компанија Kosmos но тврдо е решена да го врати календарот на Светскиот тениски куп којшто се играше од 1975 до 2012-та и згасна затоа што не успеа да привлече сериозно спонзори и топ-играчи.

Според директорот на ATP, Крис Кермод, на планот за враќањет на турнирот работат веќе пола година и останале уште неколку детали да се доработат. Светскиот Куп планираат да го заживеат од 2020-та година на првата недела од сезоната во Австралија. Форматот ќе биде исто како и во новиот ITF турнир.

Член на советот на играчи од ATP е и Џејми Мареј, брат му на Енди. Тој вели дека сега ќе почне трка кој порано официјално ќе објави за организација на турнирот.

ATP може да објави во секој момент, а на ITF му треба одобрение од Генералното собрание. Ако се родат и обата турнира, тоа значи дека играчите најверојатно ќе го бираат оној на ATP затоа што ќе биде организиран во подобро време од календарот за нив: просто никој не сака да ја развлекува сезоната и да игра на крајот од ноември. Освен тоа на турнирот на ITF можно е да не се важат бодовите за рејтинг.

Во август ќе се дознае дали историјата стара 118 години чини 3 милијарди долари или не.