Откако во првото коло на турнирот од серијата 500 го совлада седмиот тенисер на светот, Доминик Тим од Австрија, Ласло Ѓере ги победуваше и Данијел, Руд, Беден и во финалето го скроти младиот Канаѓанец Феликс Оже-Алијасима.
Голем успех, аплаузи од трибините, конфети и честитки. Организаторот му го додава микрофонот за стандардна изјава од теренот:
„Овој трофеј им го посветувам на моите родители. Мајка ми ја загубив пред седум години, и татко ми, него го загубив пред два месеци. Тие имаа најголемо влијание на мене и поради нив сум денес тука. Им се заблагодарувам и се надевам дека сега ме гледаат. И благодарам и на мојата помлада сестра, таа е дома во Србија и голема поддршка ми е“, рекол Ѓере и ги натажил присутните гледачи и оние крај малите екрани.
“I lost my mom seven years ago and I want to dedicate this one to her. And also to my dad, I lost him two months ago.”
— Tennis TV (@TennisTV) February 24, 2019
❤️👏😭#RioOpen pic.twitter.com/yP2qcVNJyd
Неговите родители починале од тумор, но тоа не го скршило Ласло, напротив, го мотивирало да игра за нив.
Големиот борец од српскиот град Сента во тие моменти не ни помислувал на чекот од 360.000 долари со кој полесно ќе ја развива кариерата и ќе ги подмирува патувањата и трошоците на турнирите.
Од стартот на неделава Ласло Ѓере е 37. тенисер на светот.
Српскиот рекет е роден на 2 јуни 1995 година во Сента. Со тенис се занимава уште од 5 години кога го добил првиот рекет на поклон. На рана возраст го покажал својот раскошен талент и веќе знаел со што ќе се бави во животот.
Првиот тениски бум го направил на крајот од 2012 година кога играл финале за јуниори на турнирот “Еди Хер“, а една недела подоцна го освоил и најпрестижниот детски турнир „Оранж Боул“. Со напорна работа и многу труд низ годините, а во сенка на големите тениски имиња, Ласло сам се бори да стигне до неверојатниот успех и да влезе во Топ40 на светот. Сега како 37-ми тенисер на планетата му се отвораат вратите на големите турнири, а на некои како што вели, ќе биде и носител и тоа многу ќе му значи.