После осумгодишна доминација, Мерцедес минатата сезона за првпат остана без титула меѓу конструкторите, а Луис Хамилтон првпат откако е во Формула 1 од 2007-ма ја заврши сезоната без ниту еден триумф.
Неговиот колега Џорџ Расел ја оствари својата прва победа на трката за Големата награда за Бразил.
„Изгледа добро. Дали ќе биде брз како што изгледа? Тоа ќе видиме“, се насмеал Тото Волф, првиот човек на тимот Мерцедес на денешната промоција на новиот болид во Силверстоун.
Во тимот се спремни да ја вратат титулата која лани ја освои Ред Бул предводен од неверојатниот Макс Верстапен.
Интересно, Мерцедес се враќа во црна боја каква што имаше изминатите години со исклучок на минатата сезона.
38-годишниот Луис Хамилтон кој ќе вози за рекордна осма титула вели дека болидот изгледа прекрасно во целосно црна боја. Британецот кој има вкупно 103 победи и е рекордер, ќе ја вози 11-та сезона во Мерцедес и дури 17-та во Ф1.
Спремен вели дека е и неговиот партнер 24-годишниот Британец Џорџ Расел.
Новата сезона во патувачкиот циркус Формула1 започнува на 5-ти март во недела во 16 часот со трката за Големата награда на Бахреин.