Светот на фудбалот би можел во иднина да добие уште еден невообичаен сопственик на клуб. Флојд Мејведер нема да го видиме во шорцеви на теренот, но би можел да газдува од ложата. 41-годишниот боксер од Мичиген, како што пренесува Sunday Daily Star сака да го купи Њукасл.
„Го обожавам градов, премногу ми се допаѓа амбиентот. Овде луѓето знаат како да се забавуваат, ова е британскиот Лас Вегас само што му фалат казина. Се сретнав со некои фудбалери минатата година и сите се добри дечки. Јас секогаш сум отворен за нови бизнис можности и ги сакам сите спортови, но инвестирам со глава а не со срце зошто во спротивно само ќе се расфрлам со пари. Ако некој ми предложи добар проект со повратна инвестиција, спремен сум да инвестирам. Фудбалот можеби не е идеален спорт но имам контакти насекаде“, изјавил петкратниот светски шампион во различни категории.
Пред неколку месеци Мејведер се врати во рингот, предизвикан од ММА борецот МекГрегор, го патосираше Ирецот и заработи уште околу 300 милиони долари на своја сметка. Флојд неодамна оставил простор и за евентуален влез во некоја НБА франшиза.
На прашањето кој играч би сакал да го донесе во екипата во случај да стане сопственик на Њукасл тој вели: „Кристијано Роналдо. Другар ми е и за него навивам одамна така што би можел да го убедам да ја заврши кариерата во Њукасл.“
За тренерот Рафа Бенитез ова би била добра перспектива затоа што боксерот би му гарантирал да купи што ќе посака во преодниот рок. Њукасл во моментов е 13-ти во Премиер лига, со само 4 бода пред зоната за испаѓање и со 14 порази на своето конто.