Во темно сако и бела маичка без кравата, Фејиса Лилеса се појави во фоаето на еден хотел во Вашингтон и повторно го направи Иксот со рацете. Неколку присутни Етиопијци спонтано му аплаудираа.
За нив, кои се во егзил далеку од дома, маратонецот стана херој минатиот месец кога го направи Иксот на Олимписките игри во Рио. Тоа беше знак за протест на една од најголемите светски сцени против прогонството на Етиопската влада кон Оромо етничката заедница.
Со тој чин, Лилеса се стави себеси и семејството на голем ризик.
Евентуално враќање дома значеше и затвор за Лилеса иако властите го уверуваа дека „нема да му фали влакно од главата на заслужниот маратонец“. Тој по завршувањето на Олимпијадата три недели останал во Бразил а сега САД му дале специјална виза за престој која што ќе му овозможи да тренира и да се натпреварува.
Фејиса не ги видел жена му, 5-годишниот син и 3-годишната ќерка од 17. август иако редовно се слушаат.
„Не сакам да гледам во моите деца поинаку отколку што гледам во другите деца од мојата земја кои се убиени. Се соочуваат со истата судбина како и сите други деца во Етиопија. Не се грижам за мојата фамилија, но не размислувам како да ги донесам овде, туку мислам на промената која ќе се случи во Етиопија и ќе можам да си одам дома кај моите“, изјави Лилеса преку преведувач.
Фејиса ја следеше долгата традиција на политички протести на спортски настани, како на пример „црниот поздрав“ на Олимписките игри 1968. година или одбивањето на квортер-бекот на Сан Франциско 49ерс, Колин Каперник да стои на интонирањето на американската химна пред неколку недели, револтиран од последните настани поврзани со насилство над црното население во САД.
Потегот Икс со рацете е знак за мирен отпор против насилството во Етиопија, а Фејиса тоа го планирал долго пред олимпискиот маратон.
„Пораснав како сведок на страдањата на мојот народ и ова не беше ново за мене. Но уште не сме виделе нешто такво како што гледаме сега со многу убиени мали деца и бремени жени и стари лица. Работите се влошија во последните девет месеци“, вели синот на земјоработници пораснат во рурална средина.
Потегот што го направи во Рио ја разбрани светската јавност и сега очите повеќе се вперени кон Етиопија.
„Кога Етиопската атлетска федерација ме одбра мене да одам во Рио, одлучив дека треба да тренирам напорвно иако знаев дека луѓето умираат а никој не го слушаше нивното страдање. Три месеци пред да одам во Рио, одлучив дека ако остварам добар резултат, медиумите ќе гледаат и светот конечно ќе може да го слушне плачот на мојот народ“, изјави Фејица Лилеса во Вашингтон.
Стратегијата му успеа. Потегот на Лилеса овозможи во светските вести да се слушне и за кршењето на човековите права во Етиопија, сојузникот на САД каде што претседателот Барак Обама лани беше во посета.
Но Лилеса бил свесен за високата цена што ќе мора да ја плати. Се сеќава на реакцијата на неговите сонародници во Олимпиското село во Рио.
„Атлетичарите плачеа. Ме испратија во солзи. Не сум човек што плаче, но ме расплакаа. Луѓето од федерацијата знаеа дека може да си направат проблем ако зборуваат со мене, но ми дадоа некои знаци и насоки што да правам. Тие беа загрижени за нивната безбедност“.
Лилеса останал во хотел во Рио по крајот на ОИ летово и изразил благодарност до бразилските власти кои му гарантирале безбедност. Планирал да се пресели во Кенија, но се плаши да не го депортираат во Етиопија. Во меѓувреме амбасадата на САД во Бразил му помогнала да извади валидна виза до јануари и тој ќе живее во Њу Мексико или Аризона.
„Многу ќе жалев ако не го направев знакот Икс како знак на протест, затоа што кога бев во Рио, во исто време имаше пожар во затвор во Адис Абеба. Луѓе изгореле до смрт, а меѓу нив бил и мојот близок другар Кебеде Фајиса. Јас сум Оромо, пораснат во Оромија и знам што се случува во Амхара и Гамбела. Преку 1.000 луѓе се убиени а другите се или во егзил или удавени при бегство со што станале морска храна во Медитеранот“.
Етиопската влада долго време е обвинета за кршење на човекови права кон заедницата Оромос, најголемата етничка група во земјата.