Новинар на АФП, присутен на аеродромот во Адис Абеба при слетувањето на олимписката селекција на Етиопија во понеделникот во земјата, изјавил дека Лилеса воопшто не бил во авионот кој допатувал од Бразил вечерта во понеделникот.
Во меѓувреме официјалните лица од етиопскиот спорт им честитале на членовите на Олимпискиот тим без да го споменат сребрениот маратонец Лилеса во честитките. Етиопија освои вкупно осум медали во Рио. Олимпискиот комитет во Етиопија не сакал да одговара на прашања поврзани со Лилеса.
Во неделата, традиционален ден за маратонот на Олимписките Игри, Лилеса кој стигна до целта втор, зад фаворитот од Кенија Елиуд Кипчоге во Рио, целта ја мина со рацете кренати во вис и направен знак Х во знак на симболичен протест против репресиите на етиопскиот режим.
26-годишниот Лилеса го повтори гестот со рацете и за време на церемонијата доделување на медали кога изјави дека се плаши да се врати во татковината. Неговиот агент, Италијанецот Федерико Роза за АФП изјавил дека маратонецот нема да се врати дома по протестот, и покрај тоа што етиопската влада објави гаранции дека нема да му прави прболеми ако се врати.
„Мислам дека нема шанси да се врати назад во Етиопија. Многу луѓе рекоа дека не би било добро за него да се врати“, изјави Роза кој три години му е менаџер на маратонецот и додаде дека не знае што точно планира следно да прави неговиот клиент, кој останал во Рио по завршување на Игрите.
„Не можам да кажам со сигурност ништо, затоа што зборував со него само после трката кога имавме краток разговор“, вели Роза.
Според последните вести кои на социјалните мрежи доаѓаат од Рио, Фејиса Лилеса, сребрениот маратонец од ОИ 2016, ќе побарал политички азил во САД.