24-годишната Плишкова сезонава е лидер по количеството на сервирани асови. Заклучно со четвртфиналето на УС Опен, Плишкова отсервирала 439 асови на 50 меча. Зад неа е Серена Вилијамс со 302 аса (без четвртфиналето со Халеп во Њујорк).
Минатата година, Каролина Плишкова одигра 75 меча на кои сервирала 517 асови, како ниту една друга тенисерка досега од ВТА листата. Во 2014. година таа имаше нешто помалку асови од Серена (435 со 452) а во 2013-та отсервирала 191 ас на 27 меча.
Едноставно кажано, Плишкова во просек по натпревар освојува по два гема само од ас удари.
Минатата сезона Каролина Плишкова направи голем скок на ранг листата, ја освои третата сингл титула и играше уште во пет финалиња. После четвртото финале за време на летната американска серија, Каролина лани дебитираше во Топ 10 и на УС Опен допатува како осма тенисерка на светот.
Во Њујорк загуби уште во првиот круг од квалификантка, така што своето место меѓу најдобрите светски тенисерки го чуваше по малите турнири. Таму се задржа до крајот на зимата лани кога испадна од Топ 10 и се најде меѓу Топ 20 тенисерки на светот.
Неколку успешни турнири ѝ ја вратија самодовербата на Каролина и неколку порази во првите кола од Гренд слемовите од тенисерки кои не се во Топ 100 не ја обесхрабрија. Така таа во јуни годинава триумфираше во Нотингем и влезе во финалето на Истбурн после што се врати меѓу Топ 15.
После дежурниот неуспех на Вимблдон и поразот од Симона Халеп во Монреал, Плишкова ја донесе можеби најдобрата одлука во кариерата - не отпатува на Олимписките Игри со цел две недели да тренира во својот камп. Резултатите се видоа веднаш - победи на турнирот во Синсинати кој последните пет години го освојуваа Вилијамс, Азаренка, Ли На и Марија Шарапова.
Во Њујорк Каролина ја покажа својата Гренд Слем конкурента способност: самоуверено првпат се појави во втора недела на еден Слем, а против подобро рангираната Винус Вилијамс, миленичка на домашната публика го одигра најдобриот меч во WTA сезоната (4:6, 6:4, 7:6).
Во четвртфиналето против дебитантката од Хрвастска, Ана Коњух, Каролина првпат беше фаворит против очигледен аутсајдер на еден Гренд Слем, но успеа да се справи со притисокот и за помалку од еден час влезе во своето прво полуфинале на Слем во историјата. Таму ја чекаше Серена Вилијамс која што ја победи Халеп во дербито.
Во полуфиналето против апсолутниот фаворит Серена, чешката тенисерка одигра фантастичен меч и славеше со убедливи 2:0 (6:2, 7:6 (7:5).
Каролина има сестра близначка, Кристина Плишкова која исто е тенисерка, 112. рангирана на светот оваа недела. Таа има титула на јуниорскиот Вимблдон (Каролина на јуниорскиот Австралија Опен). Во ITF Кристина има девет поединечни титули, а во WTA има три во дубл (сите со Каролина). Момчето на Каролина Плишкова е 27-годишниот спортски коментатор и фитнес-ентузијаст Михал Хрдличка кој е специјализиран фудбалски коментатор и има тренерска лиценца од УЕФА но најчесто ја следи Каролина по турнирите ширум светот.
Покрај стандардните вообичаени одговори на прашањата која ѝ е омилена храна, гардероба и спорт, таа немаше оригинални одговори, но на крајот ги изненади новинарите кога кажа дека многу сака да лови риба со татко ѝ.
„Како мали, со Кристина секогаш одевме на риболов со татко ми, а сега конечно одиме сами двете, неколку пати во годината. Се надевам дека ова ќе го правам почесто во иднината. Во Чешка има големи риби, кој искрено не може да ги фатите“, вели Каролина Плишкова.
Затоа во Њујорк може да се уловат големи риби. Плишкова тоа го покажа во полуфиналето на УС Опен.