Неколку дeна пред Нова година, Швеѓанецот Раз Олс којшто ја следи кариерата на неговиот идол Роџер Федерер на YouTube го ставил видеото со 1000 најдобри удари на Швајцарецот.
Видеото е како долгометражен филм и трае цели два часа!
Ако немате два часа да ги гледате мајсториите на Роџер Федерер, тука се 10 најдобри од најдобрите потези на Швајцарецот.
25-годишниот навивач на Федерер раскажал како му дошла идејата за 1.000 удари:
„Таа идеја ми се уврте во глава кога разговарав со еден другар - исто навивач на Федерер. Зборувавме за тоа колку прекрасни удари има во кариерата на Роџер и дали се 50 најдобри или 100. Потоа во шега кажав дека ќе направам видео со 1.000 негови најдобри удари. И на крајот го сторив тоа“, вели Раз Олс.
Подготовката на видеото траела три месеци: Швеѓанецот Раз работел на него од крајот на септември до крајот на декември, пред Нова година. Вкупно потрошил 250 часа - мотал и гледал многу мечеви и ги бирал најдобрите удари на Федерер.
„Во еден момент имаше околу 1.300 - 1.400 удари“, додава Раз Олс.
Тој во описот на видеото напишал дека ударите се бирани само од официјални натпревари на Роџер, а не од ревијални или од загревање. Најважно на Олс му било дали Федерер, за кого навива од 2008. година ќе ја види неговата три-месечна студиозна работа.
„Потрошив повеќе од 250 часа за да го направам тоа видео. Сега се надевам дека најголемиот ќе го погледне“, напишал на Твитер.
Желбата му се остварила. Останало непознато дали Федерер го изгледал целото видео, но точно знае за што се работи.
„Ти благодарам што одвои време да го собереш сево ова заедно“, напишал Роџер на Твитер.
Thanks for taking the time to put this together 🙌🏻 https://t.co/Scp3ZIaipq
Досега видеото има 222.566 прегледи и не е најпопуларно на каналот на Раз Олс.
„10-те најдобри потези на Роџер Федерер собраа 7,5 милиони прегледи, а ’Најсмешните тениски моменти во историјата’ собраа 1,1 милион прегледи“, заклучува најголемиот вљубеник во тенисот на Федерер.