Како што ветија пред заминувањето на реваншот, црвено-црните девојки така и одиграа против Ѓер. Отворен и офанзивен ракомет за одбрана на оние плус шест голови од Скопје. И не само што ја одбранија предноста, Вардарки демонстрираа сила попладнево во Унгарија.
По израмнетата игра во првите 10 минути, Ѓер прв пат се одлепи во 19. минута кога поведе со четири голови предност (10-6). Во тие моменти, Андреа Пенезиќ и Ина Суслина не дозволија работите да избегаат од контрола и го вратија Вардар на пристојни минус два.
Унгарките не успеаа да ја пробијат гранитната одбрана на Вардар и првото полувреме заврши 13-12, резултат кој црвено-црните би го потпишале со две раце пред почетокот на мечот. Пенезиќ со пет голови беше најефикасна кај Вардар во првиот дел, а Суслина запиша седум одбрани.
Уште похрабро Вардар делуваше и во второто полувреме, кога Амандин Лејно одбрани четири напади на Ѓер, а на спротивната страна Андреа Пенезиќ „ја искина“ противничката мрежа.
Првото водство за Вардар стигна на средината од вториот дел (16-15), момент по кој Унгарките како да почнаа да се предаваат. Избраничките на Индира Кастратовиќ во 46. минута направија страшна серија од 4-1 и поведоа 20-17, што беше доволна причина околу 50-ина Вардарови навивачи да почнат да го слават фајнал форот.
На крајот мал пад во играта, доволно Ѓер да поведе гол предност (27-26), но Ања Алтхаус со еврогол во последната секунда ги постави конечните 27-27. Најефикасна ракометарка на дуелот беше Андреа Пенезиќ која постигна осум голови. Пет погодоци запиша Јованка Радичевиќ, а Лекиќ додаде четири.
Освен Вардар, виза за фајнал форот во Будимпешта веќе обезбеди рускиот тим Динамо Синара, а најголеми шанси за останатите две места им се даваат на Будуќност од Подгорица и Ларвик. Ждрепката за полуфиналните дуели е во вторник.