Во сабота во Скопје стигнува лидерот на француското првенство, екипа против која Вардар ремизираше на првиот натпревар. Црвено-црните ќе играат за потврда на третото место и можност во следното коло против Рајн Некар да стигнат до втората позиција.
Тренерот Раул Гонзалес изјави дека екипата конечно е комплетирана и дека играчите полека го фаќаат потребниот ритам по СП во Катар.
„Во моментов сме втори во групата и со бод или два, на крајот сигурно ќе бидеме трети. Монпелје е многу квалитетен тим, во моментов се први на табелата во Франција. Често ја менуваат играта во одбраната, така што е тешко противникот да се навикне на нив. Се комплетиравме конечно по Светското првенство и верувам дека формата оди во нагорна линија“, го почна Раул Гонзалес денешниот прес.
Гонзалес во последен момент во сабота ќе дознае дали ќе може да смета на Тоскиќ, Душебаев, Прибак и Марковиќ кои се повредени.
„Како што спомна и тренерот Гонзалес, Монпелје победи на неколку важни гостувања сезонава. Станува збор за исклучително квалитетна екипа. Нè очекува тежок дуел и евентуален триумф ќе ни ја зацврсти третата позиција, по што во следното коло ќе нè чека одлучувачка средба за второто место против Рајн Некар", изјави капитенот Филип Лазаров.
Скопскиот тим во моментов има 11 бодови на второто место во групата Ц, додека Французите се четврти со осум освоени бода. За разлика од Лигата на шампионите, Монпеље игра одлично во француското првенство, каде е прв пред ПСЖ, на кој му бега два бода.
Првиот дуел во Монпеље донесе дури 68 голови, а Раул Гоназлес истакна дека не очекува сличен епилог и во Скопје.
„Од ден на ден сме подобри, влегуваме во форма после паузата и верувам дека до сабота ќе го стигнеме вистинскиот ритам. Што се однесува до првиот натпревар, тоа беше многу брза, отворена средба, видовте и сами дека од контри дадовме и примивме повеќе од 13 голови, што не е баш вообичаено за нас“, изјави Гонзалес.
Монпеље ќе биде без својот најдобар играч Грабеј, кој би можел да се врати во следната рунда, доколку Французите обезбедат пласман понатаму.
„Мислам дека имаат доволен фонд на играчи и неговото отсуство нема многу да се почувствува. Од наш аспект е добро што нема да игра, затоа што станува збор за играч што сезонава игра одлично и во напад и во одбрана", констатираше Раул Гонзалес.
Натпреварот Вардар - Монпеље се игра во сабота од 19:00 часот, а според информациите од раководството, продажбата на влезници оди добро и СЦ Јане Сандански се очекува да биде преполн.