Ракометна ЛШ:

Вардар до одличен резултат во Полска пред реваншот

Во првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите, Вардар имаше четири голови предност на три минути пред крајот, но Висла Плок успеа да дојде до реми 30:30, резултат кој му дава големи шанси на Вардар за четвртфинале.

Како ретко кога во последно време Вардар беше принуден да игра без лев бек, така што Игор Карачиќ од позиција среден бек заигра како лев бек. На почетокот, Штербик со пар добри одбрани им овозможи на гостите да го преземат водството на почетокот и да ја држат предноста до 10-та минута кога тренерот Канедас повика тајмаут на 4-5.
 
Од тој момент Полјаците поведоа 6-5, а набрзо и 11:8, па пауза викаше нервозниот Раул Гонзалес. Контролата како да почна да бега од раце кога Висла поведе 15-11, но Вардар со стабилна игра намали на 15-14. До крајот на првиот дел одличниот вечерва Монторо ја одведе Висла на два гола позитива на полувремето 16-14.
 
Иако Ракотеа ги одведе Полјаците на +3, Тоскиќ со два ефектни гола и Циндриќ успеаја да израмнат на 18-18. Во тој период од играта започна резултатската клацкалка која кулминираше со водство на Вардар од 24-25. Сепак следуваше фуриозна серија на момците во Црвено-црно од 0-3 и Вардар водеше со највисоки дотогаш четири голови предност 25-29.

Под притисок од публиката избраниците на Гонзалес како да се стегнаа, па Висла се приближи на 29-30. Деталот кој можеби го одбележи овој меч е промашениот пенал на Дејан Манасков во последните 60 секунди, за веднаш потоа Висла преку Тарабокија во последната секунда да израмни на 30-30.
 
Останува жал за високото водство и пропуштената победа на тешкиот терен во Полска, но Вардар секако сега има далеку поголеми шанси во реваншот да обезбеди пласман во следната рунда. Игор Карачиќ со шест голови беше ударна игла во нападот на Вардар, Циндриќ запиша пет, а Тимур Дибиров четири.
 
Реваншот Вардар - Висла Плок се игра на 26. март (сабота) во Јане Сандански.