Ракометна ЛШ:

Повторно не издржаа до крај, трет пораз во финишот за Металург

Уште не опоравени од двата тешки порази на гостувањата, ракометарите на Металург одново загубија во финишот од романската екипа Баја Маре, овојпат 23-21 во СЦ Борис Трајковски.

Избраниците на Лино Червар за жал ќе мора со икс да го прецртаат и третиот натпревар по ред во Лигата на шампионите, откако вечерва во Скопје го положија оружјето пред Баја Маре.
 
Поразот е болен, можеби и повеќе од оној пред една недела во Романија кога Металурзите загубија топка во последниот напад за израмнување. Вечерва во Скопје Металург беше близу до важна победа, одигра фантастично второ полувреме но немаа доволно сили да слават.
 
Стартот не беше по мерка на Червар. Металург направи многу неизнудени грешки, неиусно комбинираше во нападот, а Романците тоа често го казнуваа со гол на спротивната страна. Баја Маре водеше со 0-3 на почетокот а во 10-та минута на семафорот стоеше 1-5 за гостите. 
Сепак Јанко Божовиќ, австрискиот репрезентативец, постигна неколку ефектни погодоци само да ја намали предноста на Баја Маре на 9-13 на полувремето.
 
Со серија од 3-0, Металург се приближи на 12-15 во вториот дел, а тоа беше мотив повеќе и за Даниел Дупјачанец кој почна да брилира на својот гол. Матиќ и Палевски погодуваа на другата страна и Металург имаше 20-20 и прво израмнување на мечот. Една минута подоцна Матиќ му го донесе првото водство на скопскиот тим.
 
Како и во Романија, така и вечерва следуваше нејасен пад на концентрацијата на Металург кој неколку минути не даде гол иако имаше изградени акции, а гостите со три последователни погодоци ги поставија конечните 21-23 за целосно разочарување на домашната публика во Борис.
 
Јанко Божовиќ со шест гола беше прв стрелец во домашниот тим, Матиќ даде три, а Палевски два. Даниел Дупјачанец запиша 11 одбрани. Садовеак со пет голови беше најефикасен кај Баја Маре.
 
Металург така го претрпе четвртиот пораз, а трет по ред во групата Д и падна на петтото место. Баја Маре сега имаат осум бодови на третото место и се близу пласман во следната рунда. Исто бодови имаат Мотор и Скјерн.
25 октомври 2015 - 19:30