Ракометарите на Металург ја заокружија најуспешната сезона во историјата на клубот. По историскиот успех и пласманот во осминафиналето на Лигата на шампиони, Металург ја освои петтата титула во Супер лигата.
Вардар беше поуспешен од Металург во регионалната СЕХА лига и во македонскиот куп, но не успеа да го сопре ривалот во домашното првенство. На вардарци им требаше победа од десет разлика, но не само што не успеаја да триумфираат со толкава разлика, тие беа и поразени на домашен терен.
Ракометарите на Вардар водеа во поголемиот дел на првото полувреме, но во финишот Металург направи пресврт и на паузата помеѓу двете полувремиња заминаа со предност од 10:7.
Во вториот дел ракометарите на Лино Червар само рутински ја одржуваа предноста и на крајот триумфираа со 20:16.
По натпреварот беше доделен шампионскиот пехар, како и наградите за најдобрите во изминатата сезона. За најдобар ракометар беше прогласен Филип Миркуловски, а најдобар голман е Дарко Станиќ.