Со нови лица и без стандардните Митревски и Талевски, Македонија вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ потешко од очекувањата го скрши отпорот на тврдите Естонци.
Филип Кузмановски ја понесе капитенската лента и покажа дека ја заслужува. Најголемата македонска ракометна надеж, младиот бисер Павле Атанасијевиќ со гол го отвори резултатот а подоцна после три искористени седмерци на Кузмановски, Македонија водеше со високи 4-1.
Прв, дебитантски гол за Македонија вечерва постигна Петковски од крило за водство 7:4 во 10. минута. Но гостите од Естонија покажаа дека во Скопје не се дојдени со бело знаме како што прикажуваа коефицентите пред мечот.
Јирген Роба, Варул и Тум лесно се справуваа со нашата одбрана и неколку пати ги матираа македонските голмани. Во 23' минута беше гол предност за црвено-жолтите а на полувреме се замина со реми 20:20.
Во вториот дел Естонија дури и првпат поведе и со брзо темпо внесе нервоза на трибините. Со тајм-аутот на селекторот Лазаров во 40' минута кога Македонија губеше со 2 гола, црвено-жолтите заиграа како во првиот дел и со брзи полуконтри и контри повторно ја вратија позитивата.
На 13 минути пред крајот поведовме со 3 гола предност (31:28) а до крајот предноста растеше и Македонија заслужено славеше 37:33.
Први стрелци во составот на Македонија беа Мартин Серафимов со дури 10 погодоци, Митев и Филип Кузмановски дадоа по седум гола. Кај гостите од Естонија Карл Тум беше прв голгетер со 11 погодоци.
Mакедонија во недела гостува кај Литванија во 2. коло од актуелните квалификации за Еуро2026.
Фото: Фејсбук страна на Ракометна федерација на Македонија