Следниот предизвик за Лазаров и неговите момци е СП 2023 закажано за Полска и Шведска од 11 до 29 јануари. Но пласманот за тоа првенство најпрвин ќе треба да се завери, а како стојат работите нема воопшто да биде изненадување и да не се завери.
Трудна е ситуацијата, не само поради тоа што репрезентацијата е во пад со само една победа на последните три големи натпреварувања и тоа остварена против Украина со гол на Кире Лазаров во последна секунда, туку и затоа што патот е многу тежок.
Наместо класичниот бараж двомеч, овој пат ќе се играат два баражи кои се потребни да се минат за да се влезе на СП. Првиот и вториот не се за споредба. Кога ќе ги прочитате противници ќе ви стане јасно зошто.
Во првиот бараж двомеч, Македонија ќе биде носител и фаворит против една од селекциите на: Швајцарија, Романија, Израел, Финска, Естонија, Грција, Белгија, Италија, Фарски Острови.
Натпреварите ќе се играат на 14 и 20 март, а победниците ќе ја чекаат следната ждрепка.
Проблемот лежи токму таму, во следниот двомеч закажан за јуни, бидејќи би играле како неносители со многу посериозна селекција.
За сега потенцијални противници ни се Чешка, Србија, Унгарија и уште шест од Црна Гора, Хрватска, Норвешка, Холандија, Русија, Исланд, Шпанија, Германија, Франција.
По комплетирањето на трите кола во првата фаза од ЕП, ќе ги дознаеме и останатите шест можни противници. Како и да е, тоа ќе биде тежок залак за кој е потребно многу повисоко ниво на игра од тоа во Дебрецин.