Ракометна Лига на шампиони:

Раул Гонзалес: Спремни сме, ако треба Стоилов ќе игра и лев бек

Вардар во сабота од 18:00 часот го игра реваншот против полската Висла Плоцк, екипа која се извлече на првиот дуел по водството на Скопјани од четири голови разлика на четири минути пред крајот и ремизираше 30:30.

Скопје и Македонија очекуваат шампионот пред преполната сала Јане Сандански да ја потврди фаворитската улога и да удри печат на четвртфиналето. Сепак, шпанскиот тренер Раул Гонзалес уверува дека нема да биде така лесно како што се мисли во јавноста.
„Резултатот од првиот меч беше многу тесен. Имавме активни четири разлика до крај, но завршивме нерешено, резултат кој е многу позитивен. Се надевам дека ќе одиграме подобра одбрана во реваншот, затоа што таму примивме многу, 30 голови. Ќе биде многу тешко, затоа што имаат добри играчи на кои не им е важно дали играат дома или гости“, изјави Гонзалес на денешниот прес.
Никој не сака да помисли на евентуален пораз кој би значел и неуспешна европска одисеја годинава на Вардарци.
„Играат добро и на гостински терен што покажаа претходно кај Веспрем и во Германија против Кил. Ова е најважен натпревар за нас во сезоната, затоа што е нокаут рунда и ако загубиме, ќе испаднеме уште во оваа фаза“, додаде Шпанецот.
 Подготвен е и репрезентативецот Стоилов кој додаде дека атмосферата во екипата е фантастична и дека со поддршка на навивачите, пласманот во четвртфинале е неизбежен.
„Натпреварот со Висла е најважен за нас годинава. Разочарани сме што одигравме нерешено таму, затоа што водевме, но резултатот е поволен. Сепак, тоа ќе падне во вода ако не одиграме на нивото. Се надевам дека пред нашите навивачи ќе бидеме прави“, изјави Столе Стоилов.
Отсуството на Горбок, Раул Гонзалес го надомести со брзиот Циндриќ кој беше на висина на задачата.
„Имаме спремни играчи. На таа позиција може да игра и Марсениќ и Циндриќ и Македа, па еве и Стоилов“, се насмеа Раул Гонзалес по констатацијата дека секој е подготовен да се жртвува за победа.
Средбата Вардар - Висла Плоцк е прогласена за меч на неделата од ЕХФ. Дуелот се игра вод 18:00 часот во Јане Сандански.