Раул Гонзалес е тренер број 1 во светот за 2017-та

Човекот кој дојде тивко, направи ракометна револуција во Македонија и го извади цело Скопје на плоштад на 4 јуни годинава, го доби признанието кое највеќе од сите го заслужуваше. Капа доле мајсторе.

Раул Гонзалес е прогласен за најдобар тренер во светот за 2017-та година. Признание кое му го доделува специјализираниот сајт за ракомет „Handball-planet“.
 
Популарнииот шпански стратег кој го доби прекарот „Ел Команданте“ пристигна во Скопје повеќе со тренерско искуство како помошник, но во Вардар направи бум и со освојувањето на Лигата на шампиони испиша нова ракометна историја за Македонија.
 
На гласањето учествуваа новинари од 30 земји од цел свет кои даваа по 3, 2 и 1 поен/глас, додека читателите на сајтот имаа можност да оставаат по 20, 15, 10, 5 и 1 глас.
 
Гонзалес седна на клупата на Вардар во јануари 2014-та година и со целосна доминација му донесе вкупно 10 трофеи. Три во македонската лига, четири во Купот, два во СЕХА лигата и еден во Лига на шампиони.

Конечните резултати:

Раул Гонзалес (Вардар/Македонија) 44% или 1.037 гласови

Николај Јакобсен (Рајн Некар/Данска) 29% или 684 гласови

Веселин Вујовиќ (Словенија/Копер 2013) 13% или 310 гласови

Кристиан Берфге (Норвешка) 10% или 241 глас

Дидие Динарт (Франција) 3% или 63 гласови

Честито селекторе и голем успех на ЕП 2018 кое почнува за еден месец.

Интервјуто со Раул за Офф.нет

14 декември 2017 - 14:32