Квалификации за Рио 2016

Полска посилна, ќе решаваме со Тунис

Во борбата за грандиозниот спортски настан во Рио де Жанеиро летово, Македонија вечерва загуби во првото коло од Полска 25:20. Утре играме против Тунис, меч кој може да одговори на многу прашања околу пласманот на Олимписките Игри.

Пред четири години не успеавме да се пласираме на ОИ во Лондон преку квалификациите во Стокхолм, но патот до Рио годинава се чини поблизу. Секако ако го совладаме Тунис во сабота од 18:30, затоа што Полска вечерва беше преголем залак, а Чиле е дојден туристички во Гдањск.
 
Јурецки во нему својствен стил со бомба од далечина го отвори резултатот, а Стоилов израмни во следниот напад и тоа од позиција од која Полска преку Шипжак на ЕП пред три месеци ни даде шест гола од шест обиди.
 
Пред повеќе од 11.000 гледачи во Гдањск, Полјаците поведоа со 3:1 после три минути игра, а ние возвративме со два лесни погодоци на Дејан Манасков од брзи контри. На стартот, домаќините решително шутираа од далечина и бековската линија им проработе.

На +3 Полска првпат отиде во 10. минута од мечот кога Бартош Јурецки погоди од пенал за 7-4, предност која домаќините ја одржуваа релативно лесно. Во тој период од играта Лазаров го даде четвртиот гол, а втор од пенал кога резултатот беше 10-7.
 
Капитенот имаше можност од пенал да намали на гол негатива во 24. минута кога Полјаците беа со играч помалку, но полскиот капитен Славомир Шмал го одбрани седмерецот на Кире. Во тие пар минути, избраниците на Обрван имаа шанса да израмнат, особено затоа што Полска не даде гол цели 9 минути. За жал, игравме само преку Лазаров, а тоа не беше доволно.
 

На полувремето заминавме со 13-9, негатива која се должи на нашите промашени зицери, бледиот напад и арсеналот на Полјаците. Борко имаше шест одбрани во првиот дел, Кире даде пет голови, Манасков два. Кај Полјаците со три најефикасен беше Крајевски а дури четири играчи имаа по два гола.

Само што почна вториот дел, Михал Јурецки и Крајевски и донесоа на Полска +6 (15-9). Лесно минуваа покрај нашата одбрана Лијевски, Крајевски и Јурецки, а на нивното поле Лазаров доби фластер од Талант Душебаев.

Никола Митревски имаше три одбрани (пенал и два зицери), но ниту тоа не ги разбуди нашите ракометари кои немаа решенија во нападот. Примавме голови и со играч помалку, а на тој начин една Полска не се добива, особено не на нивен терен.

На 15 минути пред крајот од мечот Македонија заостануваше 6 голови и веќе беше јасно дека бодовите вредни пласман на Олимписки Игри во Рио ќе ги бараме против Тунис, во истата сала. 

На крајот конечни 25:20.

Најефикасен на мечот беше Кире Лазаров со 8 голови. Ѓеоргиевски постигна 4, а Стоилов и Манасков по три. Никола Митревски одбрани 7 удари. Кај Полјаците, Бјелицки даде 7 голови, а Михал Јурецки и Крајевски по 4. Во вториот меч од групата, Тунис очекувано го совлада Чиле со 35:29 (17-12) и дополнително го зголеми притисокот врз нашите репрезентативци пред утрешниот меч од 18:30.