Поклон и солзи за хероите на нацијата

Во земја во која селекторот плаче по натпреварот пред новинарите, најуспешниот бизнисмен - првиот човек на Федерацијата скока луд од среќа прегрнат со капитенот, третото лево крило и физиотерапевтот, а претседателот на републиката го прави истото на трибините со стиснати тупаници подигнати во вис – нема зима за ракометот.

Седиме на маса во Скопје минатиот ноември, утрото после промоцијата на автобиографијата на Кире „Секогаш на победа“, која имав чест и задоволство да ја дизајнирам. Столе, Жути, Бранче, Аце и Кире. Во еден момент како тема се споменуваше медал со репрезентацијата. Неосвоен.

Тие неколку инфаркт завршници на ЕП 2012 во Србија. Дојде и до Гдањск, квалификациите за Олимпијадата 2016. Молк за момент. Сите нешто гледаат во далечина. Тишината зборува повеќе од било какви зборови. Свесни дека се на крајот од патот. Свесни дека дале сè што имаат и што не дале. Срце, душа, колена…

Токму истиот момент од синоќешната прес конференција, кога Столе му кажа на Кире: „Благодарам за тоа што го направивме и за тоа што не успеавме да го направиме“.

Во воздухот тага, видлива со голо око. Ми доаѓа да побарам од келнерот нож за да ја исечам на парчиња.

Се обидувам да ставам крај на сето тоа со зборови.

„Момци, можеби не сте освоиле медал, но заедно со вашиот народ доживеавте емоции кои некои не ги доживеале ниту со пет медали околу врат“.

Ја враќам атмосферата на маса.

„Боже, каква лудница беше тоа во Ниш и Белград на Европското…“.

Сега веќе очите се смеат.

Што ќе правиш повеќе од спортот, што повеќе од животот?

Во документарниот филм за 30 години од европската титула на КК Партизан, Дуле Вујошевиќ зборувајќи за Жељко Обрадовиќ, му кажа една добра поента на својот пријател - 98 години младиот мудрец сликар Воје Станиќ.

„Човек треба да има два животи. Во едниот да научи како да живее, а во другиот да живее како што треба“.

Сигурен сум дека Столе Стоилов зграпчи многу судбина од овој друг живот. Бескомпромисен, лут, а симпатичен. Не дава да е сакан, а луѓето го сакаат. Секогаш многу повеќе од статистика. Отпорен на емоции во „основна“ смисла. Партибрејкер, антицеремонијален тип и кога би требало во осум букви да ја сведам приказната за скопската икона - ОРИГИНАЛЕН.

А кој е дискретниот херој на македонскиот ракомет? Кој е најдобриот играч за контрола на топката во светот? Кој беше срцето и душата на ракометното движење наречено „Металург“ во средината на минатата деценија? Кој не сака играчи кои молчат и тепаат, молчат и примаат удари, молчат и паѓаат, молчат и стануваат? Филип Миркуловски е единица мерка за македонскиот ракомет во иднина. Кога некои нови деца ќе ве потсетуваат на него, да знаете дека се на вистинскиот пат.

А тој што е во тој друг живот се вика Кирил Лазаров. Во првото полувреме го победи Жељко Обрадовиќ, но вториот дел ќе биде многу потешко. Впрочем, приказната на Жељко не е без лузни. Доживеа и добро и лошо од сопствениот народ, но остана свој и голем. И Кире добро го знае сето тоа. И е свесен за жртвата што ја направи на олтарот. Знае дека ако сака да го победи играчот во себе, мора да прерасне во тренерски великан што ги нема многу во историјата на нашиот спорт. Кире е тоа. Тој не се согласува на помалку. Секогаш на победа. Во својата колекција веќе им го зема скалпот на Јакобсен, Пасквал и Сабате, а нема уште облечено тренерки како што треба.

А великаните некаде се ценат, некаде брзо се забораваат. Се сеќавате ли како се простија Ивано Балиќ, Блаженко Лацковиќ или можеби Момир Илиќ. Не се сеќавате? Па и нема на што да се сеќавате. Вие не сте единствените. Тие не се збогуваа. Не излегоа пред 5-6.000 луѓе и не го добија заслуженото.

Никој не рече за нив: „Тоа се луѓето кои ни донесоа толку многу убави моменти. Бараме еден голем аплауз“.

Македонците држат час и им благодарам за тоа.

Во земја во која селекторот плаче по натпреварот пред новинарите, најуспешниот бизнисмен - првиот човек на Федерацијата скока луд од среќа прегрнат со капитенот, третото лево крило и физиотерапевтот, а претседателот на републиката го прави истото на трибините со стиснати тупаници подигната во вис – нема зима за ракометот.

 ŽIKA BOGDANOVIĆ

19 април 2022 - 09:31