Неверојатната приказна за селото Мјалби кое со 1.485 жители стана првак на Шведска

Во скандинавскиот фудбал се случи нестварна и до сега невидена бајка. Рибарското село Мјалби кое пред неколку години беше пред банкрот, слави шампионска титула. Ги води 59-годишен директор на училиште, а скаутот им е поштар. Едно време ни теретана немале, а јаделе заедно само еднаш неделно.

Мјалби е шампион на Шведска за прв пат во својата историја. Тимот на Андерс Торстенсон ја обезбеди титулата и тоа на три кола пред крајот откако го доби Гетеборг на гости со 2:0.

Со овие три бода, им избегаа на второпласираните Хамарби на недостижни 11 бода предност, а со тоа обезбедија и место во квалификациите за Лигата на шампионите.

Дуелот беше решен уште во првите 30 минути. Јакоб Бергстром ги доведе гостите во водство во 21-та минута, додека само седум минути подоцна Том Петерсон го дуплираше водството.

Резултатот не се промени до крајот на натпреварот, а Мјалби испиша историја и носи сторија за врвен филм.

До скоро беа третолигаши

Клубот Мјалби е од Хелевик, селце на југот на Шведска каде што живеат околу 1.485 луѓе. Хелевик се наоѓа во Селвесборг, општина со вкупно население од околу 17.000 жители. 

„Кога нашите противници доаѓаат да нè посетат, тие се возат со автобус низ фармите и покрај рибарските пристаништа. Потоа возат малку повеќе и кога не можат да одат подалеку, доаѓаат на нашиот стадион“, изјави за Гардијан Хасе Ларсон, спортски директор на клубот.

Мјалби е клуб кој низ историјата шетал од првата до четвртата дивизија, а не толку одамна, од 2015 до 2018 година, бил третолигаш.

Потоа во две последователни сезони се изборил за две промоции и сега игра во највисокиот ранг на шведскиот фудбал, веќе шеста година по ред. Во тој период, бил рангиран од петто до десетто место.

Деветтиот највреден шведски тим доминира во првенството

Според Трансфермаркт, Мјалби е деветтиот највреден тим во шведското првенство. Вкупната вредност на играчите е 16,9 милиони евра. Зарем се потребни компарации со шампиони од други лиги?

Најскап шведски клуб е Малме со 36,5 милиони евра, Хамарби е втор со околу 26, а Ѓургарден вреди 21 милиони евра. Овие три екипи, заедно со Елфсборг, АИК и Хекен, се претежно најголемите фаворити за титулата во шведското првенство.

Никој не можеше да очекува дека малиот Мјалби ќе се приклучи во оваа трка годинава, но тие станаа шампиони и тоа уште на три кола до крајот.

На 27 меча, имаат само еден пораз, 20 победи и 6 нерешени, со гол разлика од 49:17. Го имаат и вториот најдобар напад и најдобрата одбрана во лигата.

Тренерот им е 59 годишен директор на училиште

Освен што немаат славни имиња или играчи од висок профил, Мјалби нема ниту тренер со значајна кариера. Ги води 59 годишниот Андерс Торстенсон, човек со уникатна приказна. Бил млад играч на Мјалби во 80-тите, но го напуштил клубот пред да може да заигра за сениорскиот тим, бидејќи морал да оди во војска.

По враќањето од војска, се вработил како директор на училиште, а паралелно работел и како тренер во аматерски клубови. Како што и самиот вели, никогаш не помислил дека може да има сериозна тренерска кариера.

Во Мјалби почнал да работи како помошник тренер во 2007 година, а три години подоцна клубот влегол во прва лига. Главен тренер станал во 2013 година, па одлучил да ја напушти работата во училиштето за да се фокусира на својата фудбалска кариера, но бил еден од ретките во клубот со таков луксуз.

„Тогаш беше уште помал клуб. Повеќето од играчите беа вработени, трениравме доцна попладне, а само јас и мојот асистент бевме вработени со полно работно време во клубот. Тренерот на голманите доаѓаше два пати неделно, а напаѓачот работеше на свој трошок. Единствениот член на лекарскиот тим беше вработен како учител. Немавме теретана и јадевме заедно само еднаш неделно, во четврток после тренинг. Финансиската состојба беше многу лоша“, објасни Торстенсон за Гардијан.

Клубот во таа 2013-та испаднал од првата лига, а следната година и од втора, додека Торстенсон во меѓувреме го напуштил Мјелби и се вратил на училиштето. Останал и во фудбалот, но повторно во аматерски ранг. 

Накратко го преземал Мјалби во 2021 година за време на нивната резултатска криза, но брзо си заминал, веројатно мислејќи дека тоа е крајот на неговата фудбалска кариера. Но, две години подоцна, телефонот повторно му заѕвонил.

„Им објаснив дека од 2013 година речиси и да не сум бил дел од професионален фудбал и дека сè е променето. Им реков дека не сум ниту најдобриот тренер, ниту најдобриот тактичар. Ми одговорија: `Да, но не ни е гајле, затоа што ти победуваш`. Ми беше јасно дека ако ги одбијам, тоа дефинитивно ќе биде крај на мојата фудбалска кариера. Ја сакав мојата работа, но знаев се работи за `сега или никогаш`, рече тој.

Дури и сериозните здравствени проблеми не ги спречиле да стигнат до историски успех

До неговиот кам бек во 2023 година, Мјалби се стабилизирал во првата лига и резултатитски и финансиски. Во голема мера тоа се должело на претседателот Магнус Емеус, кој го држел клубот цврсто на нозе. Сепак, никој не се надевал дека ќе дојде до точка, од каде што ќе има реални шанси да ја освои титулата.

„Не можев да го замислам ова, нема шанси. Никогаш порано не сме биле во оваа ситуација, но еве нè. Сега сме многу добар тим и имаме шанса. Немаме моќ да купуваме скапи играчи, па затоа за да се стигне тука до успех, мора напорно да се работи“, рече спортскиот директор Ларсон, кој е во клубот речиси 50 години.

Дошол како играч и оттогаш нема функција што не ја извршувал. Спортски директор бил и кога клубот паднал во трета лига, па волонтирал на таа позиција три години.

Покрај таквата неблагодарна работа во клубот, Ларсон и Торстенсон морале да се справат и со сериозни здравствени проблеми, но ни тоа не успеало да ги спречи да му помогнат на својот сакан Мјалби. Ларсон се опоравил од тумор на мозокот и рак на простата. На Торстенсон му била дијагностицирана хронична лимфоцитна леукемија.

„Беше тежок период, но бев 100 проценти посветен на враќањето кај моето семејство и фудбалот, двете работи што ги сакам најмногу. Потребно беше време, но тоа сум јас, се борам до крај“, одлучен е Ларсон, додека Торстенсон вели: „Тешко беше да ја споделам дијагнозата со моето семејство, но по 24 часа решив дека можам да изберам дали да продолжам таму каде што застанав или да легнам и да плачам. На крајот, зедов само една недела одмор и се вратив 100 проценти посветен на работата.“ 

Тим составен од анонимци, донесени во клубот од поштар

Таквата посветеност била клучна за создавање тим кој без истакната личност, бил лидер. Најдобриот стрелец на клубот со само 7 гола е 21-годишниот Абдули Манех, кој лани пристигнал од Гамбија како сосема непознат играч.

Најскап фудбалер им е Елиот Страуд (2,5 милиони евра), кој пред две години го земале од трета лига, додека еден од клучните дефанзивци е Абдула Икбал, Пакистанец донесен од данската втора лига. Капитен е Јеспер Густавсон, 30-годишен локален жител кој целата своја кариера, уште од детството, ја поминал во Мјелби и не ги напуштил дури ни во најтешките моменти.

За скаутинг е задолжен Арвид Францен, од градот Ескилстуна, кој е оддалечен на шест часа возење со кола, каде што работи како поштар.

Тренерот Торстенсон нагласува дека голем дел од заслугите за одличните резултати му припаѓаат на неговиот помошник Карл Мариус Аксум, 35-годишен Норвежанец кој пристигнал во Мјелби минатата година без никакво искуство во професионалниот фудбал. Аксум имал најголемо влијание во развојот на напаѓачката игра на Мјалби, што ги довело до првото место на табелата.

„Ние негуваме менталитет на Давид наспроти Голијат. Ние сме добар тим, но сепак сме многу мал клуб и регион. Горди сме на тоа и тоа е она што нè води“, заклучи Торстенсон. 

21 октомври 2025 - 08:25