Нова добра партија на Вардар, за жал победата избега во последна секунда

Актуелниот европски шампион Вардар со тотално несреќно примен гол буквално во последната секунда ремизираше 25-25 (13-12) со Порто и за малку не запиша нова важна победа во Лига на шампиони.

Мечот во Скопје започна добро за црвено-црните кои против себе вечерва го имаа расположениот Битолчанец Никола Митревски кој брани во животна форма.

Тргна Вардар со убава предност на стартот 4-2, но дупки во поставеноста како во одбрана така и во напад го чинеа повеќе од 5 минути без гол. За тоа време гостите преку неверојатниот Магаљаеш направија потресна серија од 5 гола и пресврт 4-7.

На клупата на Вардар не и преостана ништо друго освен со тајм-аут да проба да ги разбуди играчите на паркет и да го олади малку Магаљаеш.

И успеаа во тоа.

Борко фати ритам и на маестрален начин ја користеше гостинската тактика да играат без голман во поле. Навивачите на Вардар конечно го видоа правото лице на Марко Вујин кој распали со својата страшна левица, Борко реши „да заврати ракави“ и Вардар одново поведе. На полувреме се замина со 13-12 за домаќинот.

Во вториот дел нова резултатска „клацкалица“ во која Вардар само во финишот со неколку технички грешку му овзоможи на Порто да поведе 24-22, но и брзо да се врати.

Непроценливото искуство на Чупиќ и Дибиров придонесе „црвено-црните“ да израмнат па и јуначки да поведат 25-24 во последните секунди од мечот (серија на Вардар од 3-0).

Кога победата веќе беше речиси штиклирана, Антонио Родригез со звук на сирената на самиот крај го даде својот 5-ти гол и Португалците однесоа бод од Скопје.

Играч на мечот со сигурност е Борко Ристовси кој имаше 17 одбрани и дури 4 постигнати гола од кои 3 во прв дел. Иван Чупиќ беше најефикасен со 7 погодоци, Марко Вујин запиша 5. Кај гостите Итуриза 7 гола, Магаљаеш и Родригез по 5.

ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ГРУПА А

Вардар – Порто 25:25 (13:12)

Мешков Брест – Пик Сегед 26:24 (11:12)

Флензбург – Елверум 37:35 (18:14)

Кјелце – ПСЖ 35:33 (18:18)

Табела: 1.Кјелце 8, 2.Флензбург 8, 3.Мешков 6, 4.Порто 5, 5.Вардар 3, 6.ПСЖ 2,  7.Елверум 2, 8.Пик Сегед 0.