СП Катар 2015

На Хрватите не им е баш сеедно против нас

Откако двете селекции победија на трите воведни средби, утрешниот дуел во Доха ќе биде право балканско дерби кое би можело да биде клучно за првата позиција во групата Б.

Во првите три кола, нашите репрезентативци ги победија Тунис, Иран и БиХ, а „коцкестите“ рутински ги завршија Австрија, Тунис и Иран, по што утре во салата „Духаил“ Македонија и Хрватска ќе играат за четврта победа во низа и евентуално прво место во групата.
 
На денешната прес-конференција, хрватскиот селектор Славко Голужа со респект зборуваше за досегашниот учинок на втората од трите балкански селекции во групата:
„Имаме голем респект кон нив. Доста ни се наострени и нè чека дерби дуел меѓу нас Балканците. Не се плашиме, но ги респектираме многу. Сакаме да одиграме најдобро што можеме, но треба да се биде искрен и да се признае дека шансите ни се поддеднакви“, изјави Голужа.

Хрватска и Франција, како едни од главните фаворити за завршницата обично моторите ги палат после првата фаза, во која често не играат толку убедливо.

„За македонската репрезентација не треба да се трошат многу зборови. Тие се група на играчи кој во текот на целата година се заедно. Доаѓаат воглавно од два клуба, Вардар и Металург и главна одлика им е што добро се познаваат меѓусебно. Очекувам нервозен натпревар, прав фајт! Сите добро се познаваме и нема многу што да се сокрие. Нијанси ќе одлучуваат, еден играч ќе одлучи, еден голман. Затоа кажав дека шансите ни се подеднакви“, заклучи Славко Голужа.

На пресот присуствуваше и капитенот на Хрватска, Игор Вори, кој им замерува на хрватските новинари за некои натписи.

„Можеби неспретно сте напишале, но овде нема резерви. Сите функционираме исто, секој играч е важен и нема резерви. Во нашата селекција нема разлика меѓу оној кој игра 60 минути и оној што ќе влезе 30 секунди“, констатираше Игор Вори.
Македонија и Хрватска играат утре од 17:00 во салата Духаил близу Доха.