Падна и Иран, но не убедливо

Македонската ракометна репрезентација стигна и до вториот триумф на Мундијалот во Катар, но аутсајдерот во групата се покажа како тврд оред кој го совладавме со 33:31.

Селекторот Ивица Обрван мечот го почна со сосема нова бековска линија за разлика од првиот меч, составена од Филип Лазаров, Прибак и Вугринец, а меѓу стативите застана Петан Ангелов. Натурализираниот и највозрасен македонски репрезентативец го отвори мечот со погодок.

Македонија на стартот имаше исклучување, но тоа не беше пречка на брз и лесен начин да стигне до водство од 4:1. Ракометарите на Иран правеа грешки на почетокот од мечот и беа казнети со брзи контри.

Иако против аутсајдерот во групата работите се очекуваше да одат лесно, сепак Иранците во 11 минута покажаа дека нема лесно да се прошетаме на мечот и поведоа со 9:8. По само 4 минути игра Македонија со играч помалку промаши два напади по ред, а Иран за прв пат имаше и +2.

Избраниците на Обрван ја искористија предноста од два ракометари повеќе и со голот на Стоилов стигнаа до израмнување, но следуваа многу технички грешки, а Иран повторно стигна до предност од два гола.

Одговорноста во нашата игра која беше далеку под нивото во однос на мечот против Тунис ја презеде Кире Лазаров кој редеше голови од пенал, а одлични 30 минути одигра Немања Прибак со 5/5 и гол во звукот на сирената за 19:17 на полувреме.

Во вториот дел во игра влезе Борко Ристовски кој имаше важни одбрани против селекцијата која не се даде до крајот на натпреварот. Првото водство на мечот од +3 стигна со голот на Недановски во 36 минута, а +4 имавме во 52 минута со првиот гол на Мојсовски.

Многу осцилации во играта имавме и натаму, а Иран уште два пати успеа да намали на -2.  Клучната предност за победа на Македонија се случи со двата гола по ред на Недановски во 55 минута кога ракометарот на Вардар Јуниор направи 100% реализација 4/4, а ние имавме 32:28.

Македонија не успеа повеќе од тоа да се одлепи, промаши неколку чисти прилики за гол, а ракометарите на Иран не се предаваат и на крајот загубија тесно.

Капитенот Лазаров повторно стигна до бројка од 10 голови, Прибак постигна 5, а Недановски четири, сите во второто полувреме.

Во понеделник со почеток од 17 часот играме против БиХ.

17 јануари 2015 - 18:51