Македонија е осминафиналист на СП Катар

По победите против Тунис и Иран, четата на Ивица Обрван ја збриша и селекцијата на БиХ и со максимален ефект од три победи на три средби веќе обезбеди пласман во следната фаза. 

Скоро 3 минути беа потребни да се скрши мразот на мечот, а тоа го стори нашиот капитен од седум метри. Македонија тргна многу самоуверено и решително по голот на Босанците и направи предност од 4:0

Ракометарите на БиХ за прв пат реализираа во седмата минута, но направија неколку технички грешки и тоа го платија со негатива од 6:1 во 10 минута. Најрасположен во нашиот тим на почетокот беше Миркуловски кој постигна 3 гола.

Избраниците на Обрван имаа криза во играта и не успеаа да постигнат гол неполни 10 минути. Босанците влегоа во ритам и со серија од 5:0 го израмнија резултатот. Во последните 10 минути се играше попретпазливо и неизвесно.

На 5 минути до крајот на првиот дел пристигнаа првите погодоци на Наумче Мојсовски кој погоди два пати за +3, но БиХ со играч помалку, по второто исклучување на Јоноски реализираа два гола во низа. На полувреме заминавме со предност од 13:11.

Вториот дел донесе потврда игра без голема ефикасност, а ниту една од селекциите не успеваше да најде начин за да се одлепи резултатски. Босанците постигнаа два гола и го израмнија резултатот, а потоа се играше гол за гол се до 44 минута кога бевме во негатива -1.

Недостасуваа головите на Кире Лазаров кој по првите 50 минути имаше само еден гол и тоа од пенал, а потоа првиот погодок на средбата го постигна Вугринец. По него два гола во низа реализираше Прибак за пресврт и водство на Македонија од 21:19.

Предноста од два гола ја одржувавме и натаму, на Лазаров не му одеше од игра, но погоди уште два пенали. Клучните голови за победа Македонија ги постигна најпрвин преку Вугринец за +3 во 56 минута, а потоа повторно погоди Немања Прибак за враќање на истата предносст во 58-та.

Македонската ракометна репрезентација не блесна во играта и многу тешко стигна до трета победа со резултат 25:22, но првата цел е веќе остварена, а тоа е осминафинале.

Најпрецизен во нашиот табор е Дејан Манасков со 6 голови, а Лазаров, Мојсоски и Прибак постигнаа по три.

Четвртата пречка е Хрватска, меч кој се игра во среда со почеток од 17 часот.

19 јануари 2015 - 18:42