Натпреварот со два гола во низа го отворија Тунижаните, а потоа наметнаа груба игра која веднаш ја платија со исклучување од две минути. Првиот погодок од нашиот табор стигна преку Кире Лазаров кој погоди од пенал.
Предноста од играч повеќе нашите ракометари ја искористија и стигнаа до израмнување, а во 8 минута преку капитенот стигнаа до прво водство 5:4. Македонија од тој момент одлично се разигра во напад и влезе во извонредна серија од 8:1 за водство од 5 голови разлика.
Офанзивната игра функционираше без грешка благодарение на сите играчи од стартниот состав кој партиципираа со голови. Нашите ракометари ја контролираа играта и во 15 и 20 минута преку Манасков и Стоилов уште на два пати направија предност од +5.
Тунис не излезе од ритам и на 4 минути до паузата намали на 14:13, но финишот од првите 30 минути мина во знакот на нашиот тим кој преку Георгиевски, Стоилов и Мојсовски обезбеди водство на полувреме од 18:14.
Нашиот капитен со пенал отвори и во второто полувреме, а во 36 минута следуваше негов нов гол од 7 метри за највисоки +6. Тунис беше немоќен и максимумот што успеа да го направи беше во 42 и 48 минута кога намали на -4.
Тоа беше премалку за да се запрат нашите момчиња кои одиграа перфектен меч. Во 52 минута Георгиевски постигна погодок за недостижни +7, а до крајот македонските ракометари само немилосрдно ја полнеа мрежата на Тунижаните.
Лазаров на 5 минути до крајот повторно покажа дека ретко греши од седум метри и зголеми на +9, а во последните минути одличната партија ја заокружи со 10 голови за прво двоцифрено водство на Македонија. Тунис на крајот постигна два гола за конечни 33:25.
Најголема помош во нападот Лазаров доби од Манасков и Миркуловски кои имаа одлична партија со по 6 голови, а меч за почит имаше и Борко Ристовски кој имаше 13 интервенции.
Вториот меч, македонската ракометна репрезентација го игра утре против аутсајдерот Иран со почеток од 17 часот.