Дека треба максимално сконцентрирано и ангажирано да му се пристапи и на меч кој навидум изгледа веќе добиен, ракометарите на Металург покажаа, но само на стартот против најслабиот во групата и со цврста одбрана не му дозволија да го отвори резултатот.
На спротивната страна одговорија со три погодоци, а потоа стигнаа и до +4, највисоко водство кое го повторија уште два пати во следните минути. Некаде до средината на првиот дел Швајцарците се соочија со три исклучувања, но Металург тоа не го искористи за да се одлепи и промаши три пенали.
Најлошо влијаеа двата во низа преку Атман и Мојсоски при водство од 9:8, затоа што по нив како да следуваше психолошки пад. Гостинските ракометари тоа го искористија и на 5 минути до крајот стигнаа до израмнување. Финишот на првото полувреме беше катастрофален за составот на Лино Червар кој во последните 3 минути прими 3 гола за негатива од 11:14.
Лошата игра на Металурзите продолжи и во вториот дел, а Тун делуваше помотивиран. Гостите го одржуваа водството, а стигнаа и до +4, предност која ја повторија уште два пати. Имаа можност на двапати да направат и +5, но тоа не го дозволи Станиќ кој одлично интервенираше.
Ракометарите на Червар беа безидејни и не можеа да го пронајдат патот до голот, па ниту од пенал. За време на негативата од -4 изненади потегот при толку пеналџии во тимот, резервистот Златко Мојсоски да бие од 7 метри кој впрочем и не успеа да погоди.
По 15 минути игра во вториот дел Металург преку Научме Мојсоски конечно постигна два гола по ред за 18:20, а потоа серијата не продолжи затоа што токму тој промаши пенал. Нервозата кај нашите ракометари беше видлива, а притисокот од публиката беше огромен за да не се испушти победа на овој дуел кој носи осминафинале.
Швајцарците повторно стигнаа до 3 гола предност, но ракометарите од Автокоманда конечно се разбудија и на дури 6 минути до крајот стигнаа до првото израмнување во вторите 30 минути. Но додека преполнетата сала очекуваше пресврт, Тун на нешто повеќе од 3 минути направи водство од 21:23.
Крајот беше пеколен, а изведувањето на пенали кобно за Металург на овој натпревар. Еден од најважните, вкупно шести промашен отиде на контото на Ренато Вугринец кој не успеа да го израмни реултатот.
Следуваше уште еден погодок на гостинскиот тим за повторно водство од два гола на една минута до крајот, но Металурзите возвратија, а потоа на 10 секунди до крајот со контра преку Ојлевски стигнаа до нерешен резултат кој им носи 9 бода на делба на второто и третото место заедно со ПСЖ.
Осминафиналето за Металруг се уште не е математички обезбедено, а инаку најпрецизен на ова неочекувано реми кај Металург беше Вугринец со 7 гола, Атман постигна 5, а Мојсоски 4 погодоци.