Уште од стартот селекторот Лино Червар реши да игра со седум ракометари во напад, без голман, тактика која што одлично функционираше на подготвителните средби.
Филип Миркулоски го отвори мечот со погодок, но Тунижаните уште од стартот покажаа дека ќе бидат и тоа како тврд орев. По резултатска „клацкалица“ во првите 10 минути и игра гол за гол, Македонија првпат се одлепи.
Со третиот погодок на капитенот Лазаров Македонија поведе 8-7 во моментот кога нашите имаа играч повеќе. Веќе во следниот напад најдобриот стрелец во историјата на Мундијалите ја однесе Македонија и на 9-7, но Тунижаните никако не дозволуваа да се одлепиме повеќе од тоа.
Во 20. минута Червар го замени голманот Кирил Колев со Благојче Трајковски, но тоа не го спречи неверојатниот Жалуз да израмни на 10-10 кога Тунис имаше играч повеќе.
Со два гола во серија Филип Талески „ја крена“ ролетната на противничкиот голман Мисауи кој до тој момент имаше осум интервенции и израмни на 13:13. До крајот од првото полувреме, Африканците преку неуморниот Ваел Жалуз ги поставија конечните 14:13 на паузата.
Кире Лазаров со четири гола беше наш најдобар стрелец на полувремето а по три дадоа Стоилов и Манасков. Мисауи имаше 10 интервенции од 23 шута кон неговиот гол. Трајковски и Колев заедно имаа само четири интервенции во првиот дел.
Ветеранот Итан Теж (37) со петтиот гол од шест обиди го отвори вториот дел и Тунис поведе со 15:13, но на другата страна врати Стоилов со четвртиот погодок од шест обиди.
Концентрацијата на нашите не беше на потребното ниво на почетокот од второто полувреме кога Тунис за три минути на два пати брзо направи три разлика. Лазаров сам ја топеше предноста на Тунис и речиси 10 минути во второто полувреме немаше никаква поддршка од соиграчите.
Селекцијата која што прописно нè истепа во квалификациите за Олимписките Игри во Гданск максимално ги користеше грешките на Македонија во нападот која играше без голман и лесно поентираа. Највисоката предност Тунис ја стекна во 35. минута кога поведе со 20:16.
Гоце Георгиевски го надмудри Мисауи од аголот во 40. минута кога ја намали разликата на само 2 гола (20-22), а сето ова следуваше по неколку спорни судиски одлуки (Жалуз не беше исклучен при неправилно спречување контра на Македонија).
„Црвено-жолтите“ со серија од 3:0 во 45. минута се вратија на 23-24 (Тунис тогаш играше со два играчи помалку), а најзаслужен за таквиот развој беше Георгиевски кој вешто ги користеше асистенциите на капитенот Лазаров.
Две минути подоцна Македонија како да ја преброди кризата и израмни 25:25, но во ситуација кога нападот живна, одбраната и натаму беше летаргична а голманите Колев и Трајковски не успеваа да влезат во ритам.
Со 12-от гол од 15 обиди, Лазаров во 51. минута го израмни резултатот на 28:28 и сè како да почна од почеток. Дејан Манасков после долг период со петтиот гол од осум обиди го донесе првото водство за Македонија во второто полувреме 29:28 а тогаш се подразбудија и околи 200 македонски навивачи на трибините во салата во Мец.
Со четвртата одбрана Трајковски им овозможи на своите соиграчи да поведат 30:28 преку Манасков а Македонија беше во налет на 5 минути пред крајот. Неверојатниот јуриш го круниса Филип Миркуловски со гол за највисока предност на Македонија на мечот 31:28. Следуваше и фантастичен погодок на Никола Маркоски кога избраниците на Лино Червар се одлепија на +4.
До крајот Филип Миркулоски со трет гол ја запечати првата победа на Македонија и четврта на стартот на еден Мундијал. Во нашата репрезентација најефикасен беше капитенот Лазаров со 12 погодоци кој на крајот беше прогласен за играч на мечот.
Група Б, резултати:
Словенија - Ангола 45:25 (22:13)
Македонија - Тунис 34:30 (13-14)
Шпанија - Исланд 20:45