Македонија повторно на Мундијалот

И покрај поразот од 30:27 во дуелот против селекцијата на Австрија, македонските ракометари успеаа да се пласираат во завршницата на Светското првенство, кое следната година ќе се одржи во Шпанија. За нас ова втор едноподруго пат да се најдеме на самитот на најдобрите ракометари на планетава, а вкупно трет во историјата на македонскиот ракомет.

Нашиот состав играше одлично и во најголемиот дел од натпреварот имаше целосна контрола врз резултатот.

Во првото полувреме Австријците, најголемата предност ја имаа во 19-тата минута кога поведоа со 9:6, но во продолжението успеавме да направиме пресврт и на одмор заминавме со водство од 14:13.

Во продолжението од натпреварот игравме уште посигурно во одбраната и ефикасно во нападот. На средината од второто полувреме се чинеше дека конечно го скршивме отпорот на противникот и имавме предност од три гола разлика.

Во последните десет минути, следуваше мал пад во играта, а тоа го искористија домашните ракометари и поведоа со три разлика, но време за надополнување на негативата од Скопје имаше се помалку.

На крајот Австрија славеше со 30:27, а тоа е резултат, кој ја носи Македонија на уште едно големо натпреварување и оваа генерација на ракометари повторно ќе биде дел од елитата во овој спорт.

Најефикасен во нашиот тим беше Кире Лазаров со осум гола, седум постигна, Наумче Мојсоски додека по три пати во листата на стрелците се впишаа Филип Миркуловски и Стевче Алушоски. Голманот, Борко Ристовски беше извонреден и во текот на мечот забележа 15 одбрани.

Кај домаќините најпрецизен со седум погодоци е Роланд Шлингер, пет постигна Раул Сантош.

Најголемата сензација во квалификациите ја направи репрезентацијата на Црна Гора, која на домашен терен славеше со 20:18 и ја елиминираше фаворизираната селекција на Шведска.

Пласман на Мундијалот забележаа уште Русија, која ја елиминираше Чешка, Словенија беше подобра од Португалија, а Унгарија и покрај поразот од Норвешка сепак ќе патува во Шпанија. Последен учесник на Светското првенство од вечерашните бараж мечеви е Исланд, кој славеше и на гостувањето против Холандија.

16 јуни 2012 - 22:34