Дарко Станиќ на почеток од месецот потпиша за Битигхајм, а вчера раскин на договорот со Металург од РФМ побараа Павел Атман, Лука Циндриќ и Вуко Борозан.
Десниот бек Владан Липовина, по 3 месеци во Металург, вчера ја искористи состојбата во екипата и како слободен играч потпиша договор со германскиот Вецлар. Црногорецот во Металург пристигна од шпанска Куенка, а по вчерашната промоција, своето деби за германскиот клуб може да го има уште во сабота против Бергишер.
Голманот Мирослав Коциќ се враќа во Војводина, а Лука Циндриќ е пред потпис со Загреб. Документацијата за раскин на договорот ја земал и Мијајло Марсениќ (21). Кружниот напаѓач минатата недела изјави дека чека добра понуда по што ќе одлучи каде ќе ја продолжи кариерата.
Што се однесува до натпреварот во недела против Ла Риоха, покрај стандардните Наумче Мојсоски, Веле Маркоски, Гоце Ојлески, Ванчо Димовски и Аце Јоновски,шанса за поголема минутажа ќе имаат Никола Митревски, Никола Маркоски, Милорад Кукоски, Филип Талески, Жарко Пешески и Марко Нелоски, сите членови на младинските категории на македонската репрезентација.
Екипата од Автокоманда во ЛШ има 4 порази на 4 натпревари, по што се загубени шансите за пласман во следната фаза.
Натпреварот против Ла Риоха е во недела од 17:00 часот.