Кој е Иван Савидис - газдата на ПАОК кој со пиштол влезе на терен?

Политичар и бизнисмен кој во минатото служел војска во Советската армија. Важи за 30-ти најбогат човек на светот кој го спаси ПАОК од гаснење во 2012. Необично, не зборува грчки јазик иако 30 години живее во Солун.

„Еликоптеро, еликоптеро“ гласи една од песните со кои навивачите на солунски ПАОК ги провоцираат навивачите на клубовите од Атина поради тоа што кога нивните тимови гостуваат во Солун, од главниот град доаѓаат само хеликоптери кои кружат.

Но има сериозна причина за тоа - грчката влада во 2008. година одлучи со закон да ги забрани навивачките гостувања, поточно фудбалската федерација на оваа земја е задолжена да затвора врати по потреба за гостинска публика. Сево ова доаѓа по неартикулираното однесување на грчките хулигани кои чекаат и најмала прилика да се сретнат и да се пресметаат. Неретко и со кобни завршници.

Привремениот мир во грчкиот фудбал беше „осигуран“ поради тоа што Олимпијакос од Пиреја веќе 18 години е апсолутен хегемон кој титулата ја осигурува уште во месец март/април со голема бодовна разлика. Но сезонава Олимпијакос не тргна добро, смени 4-5 тренери за неколку месеци и тоа го искористија ПАОК и препородениот АЕК кои влегоа во завршна трка за титулата. Во Солун овој трофеј се чека цели 32 години!

Во предминатото коло на „Тумба“, пеколниот стадион на ПАОК гостуваше Олимпијакос но мечот не се одигра поради тоа што гостинскиот тренер беше погоден со ролна од фискална сметка во лицето и ја повлече екипата.

За синоќа (недела) беше закажано големото дерби ПАОК - АЕК, а Грчката фудбалска федерација како да фрли масло во оганот откако на денот на одигрување реши да го помилува ПАОК, да му ги врати одземените 3 бода и да му го отвори стадионот.

И дербито со АЕК траеше како и секое во грчкиот фудбал, со преку 50-ина прекршоци, прекини, тензии. На крајот кулминираше откако Иван Савидис, првиот човек на ПАОК бесен поради поништениот гол на Варела поради офсајд, влезе во теренот со пиштол околу појасот и тргна вербално да ги напаѓа судиите опкружен од своето обезбедување.

КОЈ Е ИВАН САВИДИС?

Forbes во 2013-та година го смести Савидис на 30. место најбогати луѓе на светот. Како поранешен пратеник во руската Дума и член на партијата на Путин „Единствена Русија“, важи за близок човек до претседателот на Русија Владимир Путин.

Савидис е роден во 1959 година во Грузија. Има грчки корени, важи за кавкаски Грк, заедница која пред налетот на турскиот аскер бегала во Русија и Грузија.

Савидис од раната младост се занимава со тутун, а занаетот го усовршил во фабрика за тутун. Со текот на годините се стекнува со титула доктор на науки и станува еден од најпрочуените руски бизнисмени во сферата на тутунот. Паралелно го засакувал и фудбалот па во минатото бил прв човек на руските клубови Ростов, СКА Ростов и Виктор Понеделник Футбол Академија.

Во 2012. година го спасува ПАОК од сигурна пропаст - клубот бил задолжен „до гуша“ а Савидис платил 11 милиони евра долгови и станал претседател. Сопственик е на фабриката Don State Tobacco Factory подоцна преименувана во Donskoy Tabak. Савидис е и добар пријател со грчкиот премиер Алексис Ципрас кој за него вели дека е „Робин Худ“. „Иван е еден од нас. За разлика од ’однародените тајкуни и богаташи кои својот имот го наследуваат и баш им е гајле, Савидис самиот го создал и и го дава на Грција, вложува во неа“, изјави Ципрас пред неколку години.

Од 2012 година Иван Савидис станува претседател на Бордот на холдингот AgrokomGroup основан осум години претходно. Има негови фирми во месната индустрија, во земјдолеието, во продажбата на риба. Поседува два хотели и компанија која што е сопственик на телевизиски канал и неколку весници. Савидис има голем удел и во солунското пристаниште.

Иван Савидис има и фондација која помага во реставрација на православни објекти и промоција на културолошки, образовни и научни проекти. Во меѓувреме грчката влада реши на неопределено време да го суспендира фудбалот во оваа земји кое по репрезентативната пауза би можело да продолжи на 31. март. Дали анархијата во грчкиот фудбал ќе продолжи останува да видиме.

12 март 2018 - 15:31