Грчката влада го суспендираше фудбалското првенство

По гангстерското однесување на газдата на ПАОК кој се шеташе како шериф на терен со пиштол, владата донесе одлука сите натпревари од првата грчка лига да бидат во прекин на неодредено време.

Соопштението доаѓа еден ден по хаотичното дерби меѓу АЕК и ПАОК кое не заврши и падна во сенка на претседателот на гостинскиот тим, Иван Савидис.
„Решивме да го прекинеме првенството и тоа нема да започне повторно ако не добие јасна рамка, согласна со сите за да може да се оди напред со условите и правилата“, рече грчкиот заменик министер за култура и спорт, Геориос Василијадис.
Тензијата на грчкото фудбалско дерби кое можеше да го реши прашањето за освојувачот на титулата, кулминираше во 97-та минута откако на ПАОК му беше поништен гол поради офсајд при резултат 0:0.

Нивниот газда Савидис тоа не можеше да го прифати и влета на терен, а сцената не беше баш фина за гледање, бидејќи камерите и фоторепортерите му регистираа пиштол зад јакната.
 
Судијата го прекина натпреварот, а потоа се создаде конфузија околу конечниот резултат. Од ПАОК тврдеа на Твитер дека голот е признат, но сепак на веб страницата на лигата стои дека мечот е прекинат при резултат 0:0 и веројатно ќе им бидат доделени службени 3 бода за АЕК.
 
Грчката полиција денеска издаде налог за апсење на Иван Савидис, како и за неговите телохранители поради поседување оружје на стадион.

Иван Савидис се смета за еден од 30-те најбогати Руси со богатство од 750 милиони долари, а роден е во поранешната советска република Грузија.

Контроверзниот бизнисмен поседува фабрика за тутун во Ростов, пријател му е Владимир Путин, а бил и член на рускиот парламент како пратеник на владејачката партија.

Интересно ќе биде да се види каков ќе биде конечниот епилог од овој инцидент, кој го предизвика еден од најмоќните луѓе во Грција.

Мртвата трка за титула во Грција каде има 30 кола изгледа вака:

Во последните 23 сезони Олимпијакос има апсолутна доминација со 19 титули, а 4 се на Панатинаикос. АЕК последен пат се радувал во 1994-та, а ПАОК во 1985-та година.

12 март 2018 - 14:20