Со триумфите против Тунис и Ангола, нашата репрезентација искачи едно скалило, а следен предизвик за избраниците на Червар ќе биде на крајот од првата фаза да се остане трет и на тој начин во осминафинале да се избегне страшната Франција во Албервил.
Системот на Мундијалот е таков што победникот на групата А во осминафиналето ќе вкрсти со четвртопласираниот од групата Б, а вториот со третиот.
Македонија во моментов е трета со 4 бода, а Исланд и Тунис имаат по 1 бод на 4. и 5. место. До крајот ние играме против Шпанија која што е прва со 6 бода колку што има и Словенија, и против Исланд.
Со оглед на тоа што Исланд ни е директен ривал за третото место, ќе ги разгледаме опциите за исходот од тој дуел иако претходно играме против Шпанија, средба во која секакво изненадување ни ги зголемува шансите за третото место.
Во случај на победа против Исланд
Во случај да победиме против Нордијците ќе имаме 6 бода и загарантирано ќе бидеме трети и ќе го очекуваме вториот од групата А. За оваа позиција се борат Русија, Норвешка и Бразил кои имаат по 4 бода (повторно под услов Франција до крајот да остане прва - игра против Русија и отпишаната Полска).
Доколку го победиме Исланд, нема да имаме потреба од дигитрон и помирно ќе го чекаме расплетот во групата А.
Во случај на реми со Исланд
Нам ни одговара и реми против Исланд затоа што така ќе имаме 5 бода, така што и со евентуална победа против Ангола, Исланѓаните би имале 4 бода. Ништо помали шанси за 4. место и осминафинале нема ниту Тунис којшто до крајот игра против Словенија и Ангола. Тунижаните ремизираа со Исланд, имаат само -2 гола послаба гол разлика од нив и лесно може да се вмешаат во борбата за 4. место.
Во случај на пораз од Исланд
Ова сигурно е најлошо сценарио за нашите ракометари, затоа што во случај на евентуален пораз од Шпанија и од Исланд, Исланѓаните ќе имаат бод повеќе од нас.
Тука повторно од сенка шанса чека и Тунис кој со евентуална победа против Словенија и на крајот против Ангола би можел да има пет бода и сериозно да ги замрси работите во групата Б.
До крајот на групната фаза:
денес
Словенија - Тунис 17:45
Ангола - Исланд 20:45
утре
Македонија - Шпанија 20:45
задутре
Тунис - Ангола 14:00
Македонија - Исланд 17:45
Шпанија - Словенија 20:45
Табела:
Шпанија 6 бода
Словенија 6
Македонија 4
Исланд 1
Тунис 1
Ангола 0