Селекторот Раул Гонзалес вешто, наспроти сите очекувања, се реши да тргне со 7-0 во нападот и игра без голман. Тоа во првиот напад не тргна од рака, Германците погодија од гол на гол, но набрзо следуваше јуриш и наша серија за 1-3.
Цепелинот Георгиевски-Лазаров донесе ерупција меѓу нашите навивачи во загрепска Арена. На убедливи +3 отидовме со бомбата на младиот Кузмановски кој полека израснува во достоен заменик на капитенот Лазаров.
На истекот на 15’ минута актуелниот европски првак, комплетен по 2-минутната суспензија, се врати на -1 (5-6) преку Вајнхолд кој имаше три погодоци до тој момент.
Пресвртот на „Националмајншафт“ следуваше во 19’ минута кога најпрво Винцек а потоа и Генсхајмер ја однесоа Германија на 9-7. Нашата селекција имаше слободен пад и без гол бевме речиси пет и пол минути.
Дополнителен проблем настана по исклучувањето на Борко Ристевски кој невнимателно прерано влезе во игра и доби 2-минути суспензија. „Панцирите“ тоа го искористија за највисока предност од 3+ (10-7).
Талевски го прекина црниот момент со ефектен гол од 9 метри и тоа беше најава за наша подобра офанзива. Клучен момент од првиот дел беше пеналот кој Волф му го одбрани на Лазаров кој ниту од одбиената топка не успеа да ја затресе мрежата. Германците од следниот напад се вратија на 12-9, но Талески презема одговорност и не му дозволи на противникот да се одлепи.
Во финишот од првите 30 минути Лазаров надомести за промашениот пенал и со бомба од десет метри го матираше Волф i на паузата заминавме со -1 (12-11).
Штефан Вајндхолд, најдобриот германски ракометар и член на Кил го отвори вториот дел но брзо следуваше наш јуриш преку Талески и Манасков за наше водство 13-14.
Во 39’ минута Стоилов ни ја врати позитивата со неверојатен потег и гол од отсвртување. Борко во следниот напад на Германците само го разубави моментот со фантастична одбрана. Моментумот го имавме во 42’ минута со +3 гола предност (16-19) и играч повеќе за тотално лудило во Арената!
По голема борба, во последните 10 минути се влезе онака како што почна мечот, нерешено (20-20). Најпрвин неверојатниот Вајндхолд со осмиот гол ѝ донесе на Германија гол предност, но Манасков ја одржуваше драмата со реализиран пенал за 21-21.
Токму некогашниот ас на Металург и Вардар, ја решеташе противничката мрежа од секоја позиција и од десно и од лево крило и во последната минута се влезе со 25-25, резултат кој донесе инфарктна завршница.
Раул повика тајм-аут на кој капитенот Лазаров сугерираше цепелин, но се испостави поинаков напад во кој Миркуловски асистираше до Стоилов кој не успеа да реализира. На крајот се одбранивме и освоивме злато вреден бод па сега во следната фаза одиме со големи 3 бода.
На крајот од мечот Борко Ристовски беше прогласен за играч на натпреварот.
Филип Талески беше наш најефикасен играч со 6 гола, Лазаров постигна 5 колку што имаше и Дејан Манасков. Пешевски и Стоилов дадоа по 3, Филип Кузмановски 2 а Мартин Поповски 1. Кај Германците, стандардно прв стрелец Вајнхолд со 8 гола, а пет даде Генсхајмер.