ИХФ ги промени термините, Македонија ќе игра во бош време

Светската куќа на ракометот ги смести во прајм-тајм посилните селекции и нас ни го даде терминот за ручек, додека луѓето сè уште се на работа.

Македонската ракометна репрезентација според првичниот распоред објавен синоќа, требаше првите два натпревари од втората фаза да ги игра во терминот од 18 часот.

Но ИХФ денеска направи промени во корист на големите ракометни сили и Македонија за овие две средби ја смести во глупав термин од 15:30 часот.

Планот за одигрување на натпреварите на Светското првенство го диктира ИХФ заедно со земјите носители на ТВ правата, кои од финансиски причини ги добиваат ударните ноќни термини.

На пример утревечер има две дербија, Данска - Германија од 20:30 и Унгарија - франција од 21:00 часот.

Нашите ракометари барем да останеа во работните денови од 18 часот. Наместо тоа, во вторник против Австрија и в четврток против Катар играат во терминот од 15:30 часот.

Тоа е проблем за многумина македонски навивачи кои се на работа и на кои јануари по традиција им е ракометен празник. Па ако сакате, ниту е термин за пиво и кикирики.

Со овие термини се очекува да биде намалена и поддршката од Македонците кои живеат во Хрватска и околината и кои имаат пракса да патуваат на денот на натпреварот.

Добра вест е тоа што ракометарите остануваат во Вараждин, што значи нема да трошат енергија за селење и патување во друг град.

Вторник: Австрија - Македонија 15:30
Четврток: Македонија - Катар 15:30
Сабота: Франција - Македонија 20:30

20 јануари 2025 - 08:52