Фантастичната Македонија го растури Катар!

Најдобрата партија македонските ракометари на Светското првенство ја имаа вечерва. Од почеток до крај на мечот му одржаа вистинска лекција на Катар, 39-34 (21-17).

Селекторот Кире Лазаров се реши за една измена и го врати Јагуриновски во составот, а некогашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија Веселин Вујовиќ одлучи да смени три ракометари од мечот со Холандија.

Натпреварот во Вараждин вечерва започна со брза игра на двете страни а Марко Митев кој заслужено на крајот ја доби наградата за играч на мечот, отвори со два прекрасни гола.

Црвено-жолтите воспоставија свој ритам, играа во одлично темпо и поведоа со три гола разлика кога на семафорот истекуваше седмата минута (6-3).

Катарците израмнија во 13' минута по головите на Жарко Марковиќ, Марзо и Хеиба. Но Македонија играше фуриозно и со погодоците на Костески, Пешевски и Стојковиќ одново стекна +2.

На највисока предност од четири гола отидовме во 23' минута по головите на повратникот Јагуриновски и Костески.

На паузата Македонија имаше 21-17, најефикасен прв дел за нашите ракометари на целиот Мундијал.

Во вториот дел и покрај исклучувањето на Марко Стојковиќ кој доби директен црвен картон поради груб прекршок, македонските ракометари немаа намера да ја испуштат предноста.

Напротив, серијата од 5 гола од 5 напади уште повеќе ја зголеми предноста и Македонија мирно го приведе мечот до крај. Победа од 39-34 која остава надеж за остварување на сонот и пласман во следна фаза.

Најефикасни во македонскиот состав беа Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по шест гола, Марко Митев даде пет. Голманот Кизиќ запиша 10 одбрани и беше еден од најзаслужните за триумфот.

Кај Катар Марзо беше прв стрелец со 11 гола. Во последното коло Македонија ја чека фаворитот за титулата, репрезентацијата на Франција, во сабота од 20:30 часот. Катар ќе игра против Унгарија.

23 јануари 2025 - 17:29