Еден месец по завршувањето на најбледиот настап на Македонија на едно големо натпреварување, македонскиот селектор гостува во подкаст по име „Само ракомет“. Долг е, ама има и многу што да се чуе.
Зборуваат на многу теми. Вардар, Пелистер, Металург, Алкалоид, развој на ракометот во Македонија, млади таленти, па сè до репрезентацијата на Кире како капитен и оваа како селектор.
Извадивме неколку поенти од Кире, но и статистички податоци на домаќините кои доста спремни го пречекале селекторот кој во првите две нецели години на 26 меча има 13 победи, 2 нерешени и 11 порази.
Во контекст на вадењето играчи, Лазаров рече дека во двете екипи Алкалоид и Мулти Есенс, заедно со младинските категории и школите, циркулираат меѓу 400 и 500 деца.
Статистиката на авторите на подкастот:
- Од 2009 до 2021 за Македонија настапиле само 50 репрезентативци од кои 48 Македонци, а другите двајца се Прибак и Вугринец. Од 2021-ва пак скоро 30 репрезентативци се во оптек.
- За време на историското петто место на ЕП 2012, 12 репрезентативци играле во ЛШ само од Металург, двајца со Вардар во Европски Куп и само двајца немале тогаш европски натпревари, Митков и Темелков. Сега во ЛШ игра само Никола Митревски.
- Македонија на последното Светско имаше 67% реализација со кои се најде на осмо место од 32 учесници.
- Реализацијата од 6 метри е 72% и е втора на Мундијалот.
- Во шут од крило има само 41%.
- Во шут од 9 метри сме осми од позади со само 38% реализација.
- Петти по реализација со голови од пробив со дури 88%.
- Катастрофа во технички грешки, вкупно 102.
„Скоро две години сум на селекторското жешко столче. Дефинитивно и конечно направивме комплетна смена на генерации, за која постојано се зборуваше. Јас ја завршив репрезентативната кариера на 42 години и играв не затоа што ми се играше многу, туку за да не биде падот многу голем. Зборувам за мене, Стоилов и Миркуловски. РФМ направи одлична стратегија. Ние сме единствената национална селекција сè уште жива во европски и светски рамки каде секој јануари, дали тагуваме, се радуваме, навредуваме, ние сме таму присутни. Тоа е еден континуитет за почит. Ние постарите играчи, ние тројца останавме лојални и верни на Македонија за народот да има можност да гледа една селекцијата на големи натпреварувања. Мислам дека тоа многу им значи. На чекор сме на трето големо натпреварување откако се случи подмладувањето. Ние не дозволивме, како што кажавте вие тој пад да биде крах како што им се случи на кошаркарите и фудбалерите“.
Зошто не го повикал Танковски и недостигот на играчи кои играат во два правци
„Танковски беше еден од најголемите таленти во Македонија. Го знам уште како 17 годишник кога доаѓаше во мојот ракометен камп и беше одличен талент. Доби три шанси на големи натпреварувања, 2019-та со Раул, 2020-та со Брестовац и 2021-ва. Има две СП и едно ЕП, каде немаше споредна, туку главна улога, но не одеа работите како што треба, не го издржа притисокот, не покажа. Сега има минутажа и тоа е добро, но Танковски во Пелистер игра во еден правец. Знаејќи каква конституција на играчи имаме во репрезентација, а треба да се носиме со една Норвешка, Сагосен, а во еден правец играат и Пешевски, Никола Маркоски, ние треба да бараме играчи кои играат во два правци. Истото се однесува и со Карапалески. Тој е интересен играч, ќе најдам начин и на двајцата како да им дадам шанса, затоа што ќе пробаме да заживее и Б репрезентацијата. Вратата не е за никого затворена“.
Двете опции за иднината на Македонија
„Треба да расчистиме една работа за да знаеме што сакаме. Имаме две опции. Едната е големо трпение и создавање играчи и резултатите ќе бидат неизбежни ако продолжиме вака да работиме. Втората опција е ако сакаме успех да натурализираме 2-3 квалитетни играчи. Треба заедно со јавноста, медиумите, спортските работници да се одлучиме кој концепт ќе го фатиме. Не смееме да згрешиме во изборот на играчите. Јас сум спремен и на двете опции. Ќе дадам мое мислење“.
За уделот на Лино Червар во репрезентација
За генерацијата 96-та ние го имавме овде Лино Червар. Работеше во Автокоманда од сабајле во вечер со прва екипа, со втора екипа со Ацо Јовиќ. Работеше со Талески, Кузмановски, Томовски, Танкоски, Јагуриновски, Велковски и да не ги бројам сите. Сè работеше таму и се створија тие играчи.
Повредите на Талески, Митревски и Маркоски пред Мундијалот
„Филип Талески го оспоруваат, го фалат, го напаѓаат, но имаше огромна желба да има добар настап, како што беше против Чешка и Романија. Треба да се каже дека на првиот тренинг на 1 јануари се повреди и потоа се приклучи на тренинзите на 10 јануари. На подготвителните во Хрватска и да сакаше не можеше да дојде. На припремите во Маврово тие 10 дена тренираше многу напорно, но тоа е Светско со сериозни противници и анализи и знаат од каде доаѓа опасноста. Се трудеше, се мачеше, но не можеше. Имаше свежина, даде добар прв натпревар против Норвешка, но после имаше пад“.
„Истото се случи и со Николче Митревски кој дојде на 22-ри повреден и не беше во Хрватска. Можеби е моја грешка што не носевме трет голман. Во врска со изблокираните шутеви. Еден од најважните дефанзивци, Никола Маркоски, имаше сериозна повреда на кичмата и ни се приклучи дури на 6 јануари. Не се ова алиби, туку аргументи зошто бевме слаби од 9 метри и на правење блокови“.
Настапот на крилата
„Кога сме кај крилата Дејан Манасков и Гоце Георгиевски одиграа четири екстра квалитетни натпревари на подготовките. Беа во невидена форма, летаа по теренот и потоа не знам што се случи со нив. Зборувам за реализацијата од крилните позиции“.
Недостигот на борба
„Се сложувам дека ни фалеше срчаност и борбеност. Не е срамота да изгубиш од Норвешка, од една ваква Холандија, па дури ниту од Аргентина, но не на ваков начин. Најмногу ме болеше поразот од Аргентина и начинот на кој изгубивме. Имаат тим со искуство и 13 играчи во АСОБАЛ која сум ја поминал. Но без разлика, начинот на кој изгубивме не ми се допадна и не можам да се помирам со тоа“.