Данска е неприкосновена ракометна сила, четврто мундијалско злато по ред

Селекцијата на Данска предводена од селекторот Николај Јакобсен, како и лидерот Матијас Гидсел, дефинитивно е друга димензија. На четири светски првенства во низа, никој не може да и го најде лекот.

По Норвешка, Шведска и Франција, селекцијата на Хрватска е четвртата жртва во последните четири мундијалски финалиња. Данците одат на четвртата светска титула, а Хрватите на четврто сребро. Конечниот резултат е 26:32.

Хрватска проблематично го стартуваше мечот, пред сè безидејно во нападот и имаше само еден постигнат гол во првите 10 минути, а четири примени.

Но следуваа многу поинтересни, повозбудливи и понеизвесни моменти на мечот. Тоа го донесе консолидацијата на Хрватска во одбрана, која почна да игра многу агресивно.

Ако на тоа се додадат неколкуте грешки на Данците, како и двете важни интервенции на Кузмановиќ, први на средбата, тогаш и логичен е резултатот на семафорот од 7:8 во корист на Скандинавците.

Малку голови, но голема агресивност и тензија, па дури и искри на паркетот. Сигурдсон во првиот дел остана без важна алка во одбраната, а тоа е Марко Мамиќ, кој доби црвен картон.

Но и покрај таквата ситуација, Хрватите имаа два напади по ред за израмнување, но не успеаа да ги искористат. Проблем им претставуваше Нилсен кој во првите 30 минути беше фантастичен со 8 одбрани.

Данците фатија ритам, а се разигра најнезгодниот, Матијас Гидсел кој решеташе со 4/4. Хрватите сепак пружаа добар отпор и на полувреме имаа негатива од подносливи 12:16.

Но ако во првиот дел гледавме интересна ракометна битка, финалето заврши уште на стартот на вториот. Данците за само шест минути ја дуплираа предноста на +8. Во 40 минута имаа +10.

Разлика која и онака е тешка за стигнување во ракометот, особено против неприкосновениот светски првак. 

Данците имаа мало опуштање, а тоа резултираше со намалување на разликата на -5 во 54 минута.

Блескаво финале одигра Гидсел со 10 голови, Јакобсен постигна 5. Кај Хрватите најпрецизни беа Мартиновиќ со 6 и Шоштариќ со 5.

Домагој Дувњак и Игор Карачиќ го одиграа последниот репрезентативен танц.

Во битката за бронзениот медал, Франција ја совлада Португалија со 35:34.

2 февруари 2025 - 19:27