Червар: Никој не нè надигра овие седум меча

Со две победи и шест порази, Металург нема повеќе шанси за пласман во следната фаза од Лигата на шампионите, но тимот од Автокоманда сака да го одигра последниот меч пред своја публика, онака како што ја почна сезоната.

Скјерн кој се бори за првата позиција на табелата во групата Д, важи за фаворит на овој натпревар во Борис Трајковски, но Лино Червар посакува да ја повтори играта од Данска и неговите ракометари со кренати глави да излезат од паркетот.

„Мислам дека кај нив го одигравме најдобриот меч оваа сезона и само поради неискуство загубивме, иако заслуживме дури и да победиме. Ќе биде тешко да се повтори, но за нас е предизвик да дадеме сѐ од себе во последниот домашен меч. Тие имаат многу квалитетни играчи и ќе ни биде тешко да ја пробиеме нивната зона, играат типична скандинавска 6-0. Ќе се обидеме да дадеме сѐ од себе и на последниот натпревар, да го пружиме тоа што нѐ красеше, борбата и желба. Сакаме да завршиме во стилот во кој почнавме“, изјави Червар.

Хрватскиот стратег даде краток осврт на целата сезона на Металург во ЛШ.

„Независно од поразите и од победите во сите овие седум меча задоволен сум од моите играчи, затоа што никој не нѐ надигра и можевме да имаме повеќе бодови од ова што го освоивме. Во последниот меч во Шафхаузен задоволен сум од многу нешта, но не од последните 10 минути во кои несфатливо паднавме. Не смее да ни се случува таа психолошка нестабилност. Мораме да се бориме силно до крај без разлика каков е резултатот, тоа е особено важно за овие млади играчи, да не ја добијат таа навика кога работите ќе тргнат потешко да се предадат. Ако го почитуваат тоа, следната сезона ќе имаме повеќе победи од порази“, рече Червар.

Филип Кузмановски изјави дека и покрај тоа што гостите се фаворити, Металург ќе игра за реномето на клубот.

„Сè уште ни се свежи сеќавањата од поразот на гостувањето во Данска, но ќе дадеме се од себе да победиме за нашата публика и покрај тоа што Данците се фаворити за едно од првите две места во групата. За нив е важен овој меч за европска пролет, но за нас е важно да победиме за реномето на нашиот клуб. Ние сме млад тим и имаме уште многу што да прикажеме во иднина, рече младиот бек. 

Натпреварот Скјерн – Металург се игра во недела со почеток од 18:30 часот.

26 ноември 2015 - 13:37