Борба те чека, борба за втора фаза

Онака како што и се предвидуваше, Македонија ги победи двете послаби селекции во групата, од двете посилни изгуби и сега останува да се удри машки на „Викинзите“ од Исланд.

Учинокот на Исланд по 4 одиграни кола е идентичен како нашиот: 2 победи и 2 порази, со тоа што Исланѓаните имаат подобра гол разлика (113:102) од нашата (109:115), што подразбира дека нерешен исход или пораз вечерва од 18 ќе значи крај на Светското првенство за Македонија.

Поради убедливите порази од Хрватска и од Шпанија, македонската репрезентација ќе го тргне дигитронот на страна пред дуелот со Исланд.

Ако до синоќа постоеше некаква варијанта и со реми против „рибарите“ да одиме понатаму, после дебаклот од Шпанија - ситуацијата е јасна. Во случај на триумф вечерва од 18 часот Македонија оди во топ-12 фазата а таму ќе ја чекаат уште три нови натпревари (против Франција, Германија и речиси извесно Бразил).

Пораз и реми води кон натпревари за пласман од 13-14 место. Во тој случај би играле против четвртата селекција од берлинската група (како стојат работите или Русија или Бразил).

За да на крајот завршиме 13-ти, освен триумф против Русија/Бразил, ќе ни треба уште една победа против победникот од судирот на четвртопласираните во Данска (По се изгледа еден од Чиле/Аргентина/Катар).

***

ТРАДИЦИЈАТА НЕ Е НА НАША СТРАНА

Со Исланд имаме мошне богата историја на меѓусебни средби. Сме играле вкупно 15 пати но имаме само 3 победи и 3 пати сме одиграле нерешено со нив.

Со „Викинзите“ првиот дуел го одигравме на 12. септември сега веќе далечната 1999 година кога изгубивме 32-23 во квалификациите за Европското првенство. Една недела подоцна во Скопје победивме со 3 гола разлика (32-29).

Покрај тој триумф пред 20 години, Исланд го совладавме и во квалификациите за Светското првенство на 8. јуни 2008. Тогаш убедливо победивме 34-26.

Последната радост против Исланд ни е на 4 мај во квалификациите за Европско првенство кога во Скопје бевме подобри за 5 гола (30-25).